Home » Со „Македонската културна недела во Албанија“ се одбележа 35-годишнината од независноста на Македонија

Со „Македонската културна недела во Албанија“ се одбележа 35-годишнината од независноста на Македонија

by culturalchat

Од 3 до 6 септември 2026 година, во Тирана, Драч и Корча, се одржа „Македонската културна недела во Албанија“, во организација на Културно информативниот центар на Република Македонија во Тирана. Во рамките на оваа манифестација настапија голем број уметници од Македонија, а беа реализирани концерти, изложби, фолклорни настапи, поетски и драмски изведби, ДЈ настапи, промоција на вино и пиво, преку кои беа претставени македонската култура, уметност и традиција.
Првиот од настаните беше во Тирана каде пред многубројна публика свечено беше отворена Неделата на македонската култура во Албанија. Воедно, со овој значаен настан беше одбележана и 35-годишнината од независноста на Македонија. На присутните им се обрати амбасадорот на Република Македонија во Албанија, г. Веле Трпевски, кој го истакна значењето на културната дипломатија и пријателските односи меѓу двете земји. Обраќање имаше и директорката на КИЦ Тирана, Ема Попивода, која нагласи дека културата е мост меѓу народите – таа нè зближува, нè поврзува и нè обединува.Програмата беше конципирана во два дела. Во првиот дел, Камерниот оркестар „Кон Темпора“, под диригентската палка на маестро Иван Еминовиќ, приреди извонредна изведба на дела од современи македонски автори. Во вториот дел, Фолклорниот ансамбл „ЕуроАрт“ ја претстави богатата македонска традиција преку песни и ора, облечен во автентични народни носии стари повеќе од 100 години. Моќната изведба со пет тапани на сцената ја крена публиката на нозе.Наредните денови следуваа: концертот на камерниот оркестар Ајга, ДЈ сет на DJ Pass-N-G-R и DJ Spiro,вечер на музика и поезија „Мевлем“,промоција на македонски вина и ракија од винариите Бовин и Тиквеш, промоција на македонско пиво, монодрама „Меѓникот“ во изведба на Доне Донев, изложба на фотографии од Преспа на Пали Колефски, настап на фолклорно друштво од Мала Преспа и музички настап на Кристијан Ѓорѓи, Марјан Трајче и Оливер Христовски.„Изминативе денови, на мое огромно задоволство одржавме два прекрасни концерти во Тирана и Драч под диригентската палка на Иван Еминовиќ. Голема благодарност до Ема Попивода за целата организација и гостопримливост, како и до Дејан Мојсовски. А јас како композитор на дел од композициите имам потреба и желба да се заблагодарам на секој член од оркестарот бидејќи дадоа сѐ од себе за музиката да звучи преубаво. Благодарност до Иван Еминовиќ, Игор Бакревски, Атанас Алексов, Владимир Лазаревски и Александра Чуруковска, кои беа дел од Квинтетот“, истакна Марко Виденовиќ.Со прекрасна завршна вечер во Старата чаршија во Корча, се заокружи “Македонска културна недела“ – исполнета со музика, фолклор, уметност, традиција и убави средби. Посебна гордост за сите Македонци е што деновиве на улиците на Тирана се вееја македонските знамиња.
Македонската култура, традиција и уметност блеснаа во Албанија.Културната недела се реализираше со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Македонија, Амбасадата на Република Македонија во Албанија и Министерството за туризам, култура и спорт на Република Албанија. Дополнителната финансиска поддршка од албанското Министерство е обезбедена како резултат на личниот ангажман на директорката на КИЦ Тирана, Ема Попивода, и континуираната соработка со албанските културни институции.

 

 

 

 

Related Articles