Home » Се одржа трибината „Современ ли е современиот македонски театар? Меѓу локалната инерција и глобалните сценски текови“

Се одржа трибината „Современ ли е современиот македонски театар? Меѓу локалната инерција и глобалните сценски текови“

by culturalchat

На МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, се одржа трибина на тема „Современ ли е современиот македонски театар? Меѓу локалната инерција и глобалните сценски текови“. Искрениот, храбриот театар кој допира до публиката и предизвикува емоции е современ театар, сметаат македонските режисери од поновите генњерации, без разлика дали работат на независната или на институционалната сцена. Своите ставови на трибината ги пренесоа пет македонски режисери и режисерки: Тамара Стојаноска, режисерка и една од основачите на Театар „Златен Елец“, Сибел Абдиу, режисерка и продуцентка, основачка на независната продукциска куќа Machina Production, Милош Б. Андоновски, режисер, педагог и автор, Борис Василевски, режисер и Ѓорѓи Ризески, режисер. Објаснувајќи ја темата, во своето воведно излагање, театарскиот критичар и модераторот Звонко Димоски говореше за текот на македонската театарска сцена.

-Последните три децении македонскиот театар прави обиди интензивно да комуницира со европските и светските сценски текови. Ако се осврнеме на европската сцена во последните две децении, ќе видиме драматични трансформации: постдрамски структури, медијата, документарниот театар, перформативните практики и различните хибридни форми. Но останува едно суштинско прашање: Дали навистина создадовме сопствен современ театарски јазик, туку само научивме успешно да зборуваме туѓи јазици?, рече воведно Димоски.
Македонскиот театар ретко бил иницијатор на трендови, но често бил чувствителен рецептор. Неговата историја е историја на „креативно доцнење“, но и на интелигентна адаптација.
-По 2000-тата, особено со отворањето кон меѓународни фондови и фестивали, се појавуваат обиди за современ израз, но тие најчесто се индивидуални, не системски. Немаме континуирана естетска линија што би можела да се нарече движење или школа. Значи, нашата реакција кон Европа била и е постојано присутна – но најчесто реактивна, не проактивна, истакна модераторот Димоски.
Беа отворени прашањата дали современоста е прашање на форма, на технологија, на естетика, на теми и, дали е можеби храброст, или, најважното – незнаење?

Режисерката и продуцентка Сибел Абдиу има оптимистичко гледиште и најбитно е дефинирањето на современиот театар, кој се мери со тоа дали и колку допира до нас. И не заостануваме до европскиот театар.
-Прво е битно како да го дефинираме современиот театар. Не мислам дека тоа е некој естетски правец, мислам дека тоа повеќе е поврзано со ризикот што го преземаме ние режисерите, туку и целата екипа. Современиот театар не е ние да правиме мултимедијален проект, ами некогаш многу едноставните работи, решенија, може да нѐ донесат до тој современ театар. Современ може да биде и Шекспир, доколку се работи на актуелна тема. Мени ми е малку банално театарот да го идентификувам како современ. Театарот е театар. Дали допира до нас, со тоа може да го дефинираме дали е современ. Мојот став за македонската сцена е пооптимистичен, зашто во последно време имаме сѐ похрабри и похрабри режисери. А и „старата школа“ успеала да направи некои промени. А, дали сме на исто ниво со европскиот театар, и тоа не сакам така да го дефинирам, зашто ние, само по себе, си имаме некоја наша култура која можеме да ја инкорпорираме во тој театар и да да биде, сама по себе, уникатна. Тогаш ќе бидеме поевропски од европскиот театар, образложи Абдиу.
Режисерот Борис Василески современоста на македонскиот театар ја бара во нужноста, а не во формата. И во институционалните театри има современост и храброст.
-Мислам дека многу често сакаме таа европска сцена да ја копираме или повеќе да ја набљудуваме и да ја земаме како на слика или на „вајб“. Мислам дека имаме доста такви претстави кои се трудат да бидат современи, а, всушност, на некој начин повеќе се маскирани отколку што навистина се современи. Мислам дека современоста треба да се бара не во формата, туку во нужноста: Дали оваа претстава е неопходна денес да се направи како ваква или не. Дали ако истата претстава, истиот текст оставен од пред десет години ќе бил вака или онака поставен. Се согласувам дека треба да „копаме“ кон нас, кон самите себеси, а не да бараме некои естетски форми. И јас се чувствувам оптимистичен бидејќи имаме генерации режисери кои допрва ќе доаѓаат се доста храбри. Иако храброста многу често се идентификува со нашата независна сцена, бидејќи таму просторот за експериментирање е многу попогоден, не дека самата независна сцена е експериментален театар, туку постојат подобри услови како автор и режисер да изградиш услови за експериментирање. Додека самиот институционален театар нѐ тера да одиме на некоја посигурна варијанта, односно како млад автор да бидеш свеж и нов, ама да не бидеш многу нов. И во институционалниот театар се појавуваат одредени револуции. И таму има храбри и нови, современи претстави, заклучува Василески.

Режисерот Милош Б. Андоновски смета дека нашиот современ македонски театар е современ онолку колку што е и храбар.
-Исто и од аспект и на формата и на содржината од она што го работиме, или во однос на тоа што се поставува институционално или вонинституционално. Ќе ја цитирам колешката Билјана Радиноска која користи една многу кратка, моќна формулација, а која и јас ја користам често: Кога работите „ќе крцнат“ во процесот и кога ќе се наместат. Мислам дека формата и содржината од аспект на современоста се надополнуваат, се инспирираат и се испреплетуваат. Се согласувам дека независната сцена е многу похрабра од институционалниот театар во Македонија. Со моите колеги забележавме дека некои работи што ги работевме пред пандемијата, се прелеваат на институционалната сцена. Но, сметам дека независната сцена поминува недоволно забележана. Како еден тест е: тоа што ќе помине потоа ќе влезе во институционалните театри, анализира Андоновски.
Режисерката Тамара Стојаноска смета дека театарот не е искрен и се води од некои лични уметнички побуди. Многу се битни чувствата во театарот.
-Се чувствува дека како кај нас да е заборавен трудот на уметниците. Можеби театарот кај нас станал само еден вид занает, професија и само работа. Можеби таму се губи тоа современото кое треба да комуницира со публиката. Кога размислувам што е современ театар, тоа е нешто што произлегува од самите режисери, до самите драмски автори. Нешто што е искрено и што зборува и за позитивните страни на светот во кој живееме. Има автори кои имаат храброст да зборуваат и за мрачните страни на човечката душа. За мене, како публика, а не како режисер, современо е да седам во театар и да бидам, не „тресната од земја“, туку да почувствувам нешто. Кога излегувам од салата да ми остане нешто да се прашам или, да се препознаам. Кај нас има многу автентични автори и актери. Секогаш кога одиме на фестивали, сме истакнати и во глума и во начин на изразување. Генерално гледано, веројатно, тоа започнува од институционалните театри. Современоста е, некако, на исто ниво со некоја комерцијала која флертува со публиката. Можеби таму се губи она што го нарекуваме современо, рече Стојаноска.
За режисерот Ѓорѓи Ризески клучно е дали претставата носи теми битни за сегашноста во која живееме, а режисерите треба да се предизвикуваат во работата.
– Секогаш кога почнувам да работам нов проект, без да размислувам каде ќе заврши и на која сцена, подготвувајќи го мојот режисерски третман, една од најважните работи на која прво давам одговор е – која е важноста на делото денес. Или, која од темите и како би ја вклопил во денешницата. Подоцна објаснувам како и зошто ќе се постави на сцената. Мислам дека исклучително е важно, без разлика дали станува збор за класично дело или за нов текст, основното прашање е кои теми ги носи во денешницата. Не значи дека новиот драмски текст е современ. И при еден познат текст што ми беше понуден од странство реков: Јас би го работел, но сѐ уште не знам зошто? Мислам дека режисерите не се предизвикуваат доволно себеси и не се доволно храбри. И, затоа, генерално, се прават претстави кои не се доволно возбудливи. На претставите, генерално, им недостигаат големи и храбри режисерски решенија. Мислам дека квалитетна претстава не може да помине без големи, храбри решенија. За мене, во 80 проценти е многу битно искуството, објаснува Ризески.
Театрологот Ана Стојаноска ги замоли режисерите да кажат што за нив е современ театар.
-Пред вас седат млади студенти и мислам дека како режисери имате одговорна позиција. Мене многу ми е битна темата и сакам да слушнам што за вас е современ театар? Многу е важно да се сфати дека овие генерации што доаѓаат мислат дека некој нешто треба да им подари. Мене никој ништо ми нема дадено. Моите родители не биле од театарот. За сѐ сум се изборила сама. Се согласувам со Ѓорѓи дека искуството е многу важно. Важно во театарот. За мене современ театар е оној кој соодветствува со времето. Тоа е времето сега. Сите вие, како режисери имате различни естетики, меѓутоа кој е, денес, за вас, современиот театар? Што вие би си рекле, кога гледате претстава, или ја правите претстава? Не мислам на идеални услови, рече Стојаноска.
За Андоновски, современ театар е оној кој е храбар, гласен, тој што обработува и отвора теми и прашања кои се значајни да се дискутираат и да се разговараат денес или теми кои мнозинството ги премолчува. Тука на прво место ја ставам храброста. Храброста на современиот театар кој се бори против меинстримот, рече Андоновски.
За Василески, ставот за современ театар, е јасен, а тоа е колку современоста е нужна денес.
-Има добри и современи претстави за кои немам потреба да појдам во театар за да ја знам нивната порака. Современ театар е нешто што општеството го избегнува како тема на разговор, а и театрите го избегнуваат. Можеби таму треба да ја бараме современоста, нагласи Василески.
Според Сибел Абдиу сето почнува од текстот и што сакаме да кажеме со таа порака.
-Ако има нешто што публиката ќе може да покаже емпатија со текстот, тогаш се одлучувам тоа да го режирам или да го гледам. Целата работа е пораката од авторот, па потоа сме ние, режисерите кое сето тоа го разработуваме и го ставаме во концепт и го претставуваме во визуелна уметност. Тоа за мене е современ театар, рече Абдиу.
Тамара Стојаноска својата дефиниција за современ театар ја поврзува со искрен театар.
-Се занимавам со социјално-ангажиран театар и сакам да зборувам за теми за кои, можеби, никој не зборува. Кога гледам театар, мене уметноста ми помага и до мене допира кога има режисерски свет, кога има вистинска емоција и искреност. Не ми е пресудна естетиката, туку тоа што се пренесува енергетски. Тоа е современ театар. Да си искрен, да не создаваш мртов театар, туку да имаш за што да го создаваш, рече Стојаноска.
Кога кај публиката ќе предизвика емоции, кога ќе им се „наежи кожата“, тогаш публиката знае што е современ театар. Тоа е чувство. Публиката го дава финалниот одговор за современ театар, рече Ризески.

 

 

Related Articles