Во рамките на Бит фест, во Офицерскиот дом во Битола, на 15. август со почеток од 20 часот, концерт ќе одржат реномираните музичари бас баритонот Иван Наумовски и Елена Атанасовска, пијано.
Македонскиот бас баритон, доцент м-р Иван Наумовски ги завршува своите дипломски студии по вокално пеење на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје, Македонија во класата на проф. м-р Марија Муратовска со највисоки почести cumlaude (2013). 2016-та магистрира со највисоки почести Auszeichnung во одделот Musiktheater на државниот Универзитет во Грац, во класата на проф. д-р Том Сол и маестро Франк Крамер. 2021-вата година магистрира во областа Lied und Oratorio на државниот Универзитет во Виена (MDW) во класата на проф. Карлхајнц Ханзер, проф. KS Габриеле Фонтана и Проф. KS Ангелика Кирхшлагер, и се здобива со уште една титула Master of Arts во областа на уметничката песна и ораториумот. Како студент е освојувач на три натпревари, во Македонија, Црна Гора и Косово, како и учесник и финалист на многу други. Во текот на неговата кариера бележи многубројни настапи во Македонија со оркестарот на Македонската Опера и Балет (МОБ) и Македонската Филхармонија. Со соло рецитали и концерти има настапувано на македонските фестивали како што се “Охридско лето”, “Скопско лето”, “ДММ”, “Интерфест”, “Mајски оперски вечери” и “Есенски музички свечености”. Како почесен гостин солист настапува неколкупати со маестро Симон Трпчески, како и со австрискиот реномиран сопран Ева Линд, на нејзините концерти, меѓу кои и концертот во Вила Ванфрид, Бајројт (Домот на Рихард Вагнер). Покрај неговите студии тој располага со многу дипломи од мастеркласите кај Криста Лудвих, Бригите Фасбендер, Карлхајнц Ханзер, Габриеле Лехнер, Лидија Хорват Дуњко, Лаура Ејкин и Хелена Лазарска. Во универзитетските продукции во Грац настапува со соло улога во оперите “Don Giovanni” , “Viva la mamma” и “Die Zauberflöte”. Покрај Грац, тој настапува на многу други концерти ширум градовите во Австрија ( Виена, Грац, Вергл, Велс, Вајц, Инсбрук, Швајгерс, Ахенкирх и др.). Оперското деби го остварува во операта во Грац со улогата на Викомте Каскада во оперетата “Die Lustige Witwe”, каде соработува со реномираниот режисер Оливие Тамбози. Во продолжение во истата оперска куќа ја толкува главната улога на австриската премиера на современата опера од Елизабет Наске “Der Wuschpunsch”, проектите “Росини за деца”, концертот на оперското студио, и настапува како дел од нивниот ансамбл на натпреварот за режисери “Ring Awards” во улогата на Малатеста. Добитник е на повеќе стипендии, од кои најеминентни се стипендиите “Best of south East” и “AIMS” во Австрија, кои му носат многубројни настапи, меѓу кои и настапот во Musikverein во Грац, Minoriten Saal и Kasematten арената. Покрај Македонија, кариерата му е збогатена со настапи во Норвешка, Франција, Австрија, Америка, Хрватска, Германија, Чешка, Косово, Босна и Херцеговина. Во 2015-тата година му е врачена престижната македонска награда “Виртуози” доделена од СОКОМ за најдобар млад уметник во Македонија. Од октомври 2022-рата година е вработен како доцент на ФМУ при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, каде што има своја класа по соло пеење од студенти на додипломски и магистерски студии. Покрај индивидуалниот предмет, Иван го предава и колективниот предмет “Вокална техника”.
Елена Атанасовска-Ивановска е една од најуспешните и најафирмирани пијанисти во Македонија, која активно учествува во музичкиот живот во земјава, но и надвор од неа. Основното и средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во класата на проф. Лепа Мрмевска. Дипломира со највисока оцена CUM LAUDE на Факултеттот за музичка уметност во Скопје во класата на еминентниот проф. Борис Романов. Во 2005 година завршува постдипломски студии во класата на истиот професор. Во текот на музичкото образование се здобива со награди на државни и меѓународни натпревари. Повеќе први награди на републичко ниво, I награда на меѓународниот натпревар „Златен Лист“ во категорија на дуо состав во Сан Бартоломео, Италија (1996), II награда на истиот натпревар во категорија соло пијано (1996), II награда на натпреварот „Музиката и земјата“ во категорија на камерни состави, Софија, Р. Бугарија (1996), III награда на Шопеновиот натпревар во Нови Сад, Србија (1997). Учествувала на пијано семинари кај проф. А. Валдма, проф. Ј. Михајловиќ, проф. М. Молова, проф. Н. Макарова, проф. Љ. Рошчина, проф. С. Доренски, проф. А. Бондурјански, но најплодна и најуспешна е соработката со проф. Борис Романов, во чија класа ги продолжува студиите по пијано. Во 1997 год. учествува на летниот музички семинар „Нови имиња“ во Суздаљ, Русија, каде што има забележителен настап на концертот на најуспешни семинаристи. Во 2003 година добива награда за најдобар студент од фондацијата „Франк Манинг“. Повеќепати имала соло настапи со Македонската Филхармонија и Камерниот оркестар на Музичката Младина на Македонија. Бројни се концертите во рамките на домашните реномирани фестивали „Охридско лето“, „Скопско Лето“, „Есенски музички свечености“, „Денови на Македонска музика“, „Битолско лето“, „Гевгелиска есен“, но и фестивали надвор од земјава, како, „Сараевска Зима“ – Босна и Херцеговина (2006год. полурецитал и пијано соработник на Елена Настеска – сопран), „Festival de Musica do palacio da Bolsa“ – Португалија, (2009год. со Гордана јосифова – Неделковска – обоа, каде настапи и со солистичко дело), „Festival de Musica de Sant Pere de Rodes“ – Шпанија (2009 год, каде покрај пијано соработник на Гордана Јосифова – Неделковска – обоа, исто имаше и солистичко дело), „Guarnerius, Centar lepih umetnosti Jovana Kolundzije“ (2013 год. со Гордана Јосифова – Неделковска – обоа), „Carniarmonie“ (2014 год. со Гордана Јосифова – Неделковска – обоа). Со рецитали, полурецитали и како пијано соработник настапувала во Грција, Република Србија, Бугарија, Америка, Шпанија, Италија, Португалија, Босна и Херцеговина, Косово. Активно соработува со неколку уметници од замјава, како пијано дуото со една од најафирмираните пијанисти, Марија Ѓошевска, проф. Гордана Јосифова Неделковска- обоа, Горан Начевски-баритон, Ристо Ѓоревски- кларинет и други. Има снимено аудио запис на „Соната за две пијана“ од Т. Зографски, која се најде на ЦД- то на Марија Ѓошевска, а во процес е монтажата на ЦД- то на Ристо Ѓоревски – кларинет, каде се јавува како пијано соработник. Како поддржувач на младите честопати се јавува како пијано соработник на многубројни магистерски и докторски испити во рамките на ФМУ. Бројни се поканите и од музичката академија во Приштина, каде зема учество на годишните испити за дувачки инструменти. Соработувала со Македонската Филхармонија како нејзин надворешен пијанист, како и со оркестарот за филмска музика F.A.M.E.S. Во моментов работи како уметнички соработник на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
