Home » Просекот како нов стандард: Свесност live sessions отвори разговор за илузијата на експертиза

Просекот како нов стандард: Свесност live sessions отвори разговор за илузијата на експертиза

by culturalchat

Шестото издание на „Свесност Live Sessions“, одржано на 29 април во Училница, ја отвори темата за просекот и начинот на кој денес се гради и перципира експертизата во јавниот простор. Настанот беше посветен на феноменот на зголемена видливост на поединци кои се позиционираат како експерти.
Философот Мартин Пецин го постави разговорот во рамка на личната одговорност и потребата на луѓето да прифатат едноставни решенија. „Никој не може да ве излаже ако вие не се лажете сами. Проблемот не е во авторитетите, туку во нашата желба лесно да најдеме решение“, истакна Пецин. Тој посочи дека современите духовни и „new age“ практики често функционираат како одговор на таа потреба, нудејќи брзи одговори без суштинска работа и соочување.

Од аспект на медицината, д-р Сотир Ропи нагласи дека во професии каде одлуките имаат директни последици, не постои простор за потпирање на индивидуални мислења.
„Во медицината не се базираме на еден експерт, туку на мета анализи и на збир од знаење од повеќе извори“, посочи Ропи, додавајќи дека современите технологии, вклучително и вештачката интелигенција, можат да бидат корисна алатка, но не и замена за стручна проценка. Психотерапевтот проф. д-р Мирослав Пендароски го отвори прашањето за психолошките механизми зад изборот на авторитети.
„Секој од нас избира во што ќе верува. Прашањето е зошто го прави тој избор“, истакна Пендароски, додавајќи дека во време на лесно достапни информации, одговорноста за информираноста е индивидуална. Тој укажа дека потребата да се претстави како експерт често произлегува од внатрешна несигурност, а не од реална компетентност. Разговорот беше модериран од психотерапевтот Љупчо Кимовски од „Свесност“, кој ја водеше дискусијата помеѓу философската, психотерапевтската и медицинската перспектива, обезбедувајќи структура и јасност во текот на разговорот.

Во текот на настанот беше нагласено дека зголемената видливост не значи и зголемена вредност, како и дека современиот контекст бара поголема способност за критичко размислување и проверка на информациите. По дискусијата следеше DJ сет на BerryQyat, кој го заокружи настанот во неформална afterwork атмосфера. „Свесност Live Sessions“ продолжува да отвора актуелни општествени теми, со фокус на продлабочена анализа и критичко преиспитување, наместо нудење едноставни одговори.

Related Articles