Home » Одбележан Светскиот ден на поезијата во Битолската библиотека

Одбележан Светскиот ден на поезијата во Битолската библиотека

by culturalchat

На 21 март, ден прогласен од УНЕСКО во 1999 година, НУУБ Битола се потсети на важноста на поезијата како средство за зачувување на јазичната разновидност и културниот идентитет. Токму затоа, не случајно, библиотеката беше местото каде се одбележа овој значаен ден – простор каде зборот живее и се пренесува од генерација на генерација.
Настанот го отвори директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, м-р Емилија Стефановска Давкова, која ја истакна важноста на поезијата како мост меѓу луѓето и културите. Посебен впечаток остави драматизацијата „Од тишина до глас“, подготвена од учениците од СОЕУ „Јане Сандански“ – Битола, под менторство на професорката Лидија Анастасовска. Со силна сценска изведба, поетски израз и искрени пораки, учениците нè поведоа низ едно длабоко уметничко патување – од премолчено кон изговорено, од тишина кон глас.
Програмата беше збогатена и со музичките настапи на Леон Дојчиновски и Димеска Теона од Државното музичко училиште – Битола, кои преку музиката ни пренесоа емоции што зборовите понекогаш не можат целосно да ги искажат. „Упатуваме искрена благодарност до Државното музичко училиште – Битола и до директорката Марија Шамоска Буџаковски за поддршката и придонесот во реализацијата на овој настан“, истакнаа од Библиотеката.
Со свои стихови настапија и поетите: Светлана Папачек, Михајло Свидерски, Лили Бошевска, Никола Ристевски, Аница Златевска, Мирјана Стојановска, Катерина Момева и Марија Трифуновска Тасевска – збогатувајќи го настанот со мисли што допираат и чувства што се паметат.
„Им благодариме на сите учесници и посетители што беа дел од ова прекрасно поетско доживување.  Нека поезијата продолжи да нè поврзува, инспирира и потсетува на моќта на зборот“, додаваат од Библиотеката.

Related Articles