Home » Камерна вечер исполнета со боите на „Мозаик“ и звукот на Консонанс

Камерна вечер исполнета со боите на „Мозаик“ и звукот на Консонанс

by culturalchat

Во атмосфера исполнета со длабочина и контраст, ансамблот Консонанс приреди вечер што верно го носеше името на нивната програма „Мозаик“. Во уникатна поставка составена од флејта, англиски рог, кларинет, бас кларинет и хармоника, публиката слушаше како дрвените дувачи и хармониката се претопуваат во звучна слика богата со емоции, текстури и современ израз. Елена Дојчинова, Маја Чаначевиќ, Здравко Ангелов, Сашко Темелкоски и Дарко Илиевски се претставија како врвни солисти, но и како ансамбл што дише и мисли заедно.
Настапот беше доказ за тоа дека камерната музика знае да изненади, да протресе и да инспирира, особено кога е во рацете на музичари што и самите се дел од највисоките институции на македонската музичка сцена.Ансамблот „Консонанс“ е основан во 2007 година. Се работи за истакнат ансамбл кој на своите почетоци беше составен исклучиво од дрвени дувачки инструменти, но денес во својот состав вбројува и други инструменталисти кои го збогатуваат звукот на овој ансамбл. „Консонанс“ е посветен на изведбата на камерна музика истражувајќи ги огромните можности, пред сè, на дрвените дувачки инструменти.

Здравко Ангелов го оформува своето музичко образование на ФМУ во Скопје. Добитник е на бројни награди, а како прв кларинетист, солист во оркестарот на Македонската филхармонија, настапувал многупати во улогата на солист во Македонија и надвор од неа. Своето долгогодишно искуство го гради посветувајќи се на изведба на различни музички жанрови, од кои класичната музика зазема најзначајно место.

Маја Чанаќевиќ е обоист и солист на англиски рог во Македонската филхармонија која долги години покрај негувањето на оркестарското музицирање, активно настапува и како камерен музичар и солист. Настапувала во Македонија и надвор од неа. Покрај активното музицирање, таа дејствува и на полето на музичкиот менаџмент.

Елена Дојчинова е прва флејтистка во Македонската филхармонија. Музичкото образование го завршува во Скопје, а се усовршува работејќи со еминентни флејтисти надвор од нашата држава. Посветена на солистичкото и камерно музицирање, концертира заедно со различни ансамбли во Македонија и надвор од неа.

Сашко Темелковски е кларинетист и бас кларинетист во Македонската филхармонија. Еден од основачите на „Консонанс“, кој заедно со своите колеги активно дејствува во полето на оркестарската и камерната музика. Член е и на Оркестарот на Фамес, каде се занимава со професионално снимање на филмска музика.Дарко Илиевски дипломира на ФМУ и магистрира на отсекот за сонологија на истиот факултет. Од 2013 година е дел од ансамблот „Танец“, каде од 2020 година е уметнички раководител на оркестарот. Својата музичка дејност ја надополнува како автор, композитор и аранжер во повеќе музички жанрови. „Консонанс“ како ансамбл има настапувано на најпрестижните национални фестивали и настани во Македонија, како и во Црна Гора, Бугарија, Хрватска и САД. Ансамблот има издадено и еден носач на звук.

Related Articles