Првиот настан на 55. ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ, не само што ја слави традицијата, туку ѝ дава нова, современа форма: промоцијата на проектот „Културен код – Мојот моден отисок“, во организација на Ема Ќука, Анита Стефановска, Живка Танушева Ицановска и Весна Божиловиќ.
Овој проект не е обична презентација на модни креации. Тој е доказ како културното наследство може да биде современо, носливо и живо. Преку употреба на традиционални мотиви, рачна изработка и експерименти со боја и форма, професорките и нивните ученички создадоа збирка на модни парчиња кои се истовремено археологија на паметењето и авангарда на идентитетот.
На платно, платнени торби и фустани, се појавија орнаменти инспирирани од македонски везови, но со нова, свежа палета – со транзиции на боја, геометриски истражувања и модерна симетрија. Во фоајето на Центарот за култура, присутните имаа можност да проследат и модна ревија на учениците, кои со гордост ги носеа делата што сами ги создале. Занаетчиството тука не беше само алатка – беше израз на љубов. Љубов кон корените, кон везот како форма на раскажување.
„Културен код – Мојот моден отисок“ не е проект што завршува со оваа ревија. Тој започнува разговор – за тоа како ги носиме нашите приказни, како ги ткаеме во себе, и како од нив правиме иднина.
фотограф | Диоген Хаџи Коста Милевски
previous post