Претставата на Турскиот театар „Слепци“, работена според истоименото дело на Морис Метерлинк и книгата ,,Погубни идентитети” од Амин Малуф, во режија на Ќендрим Ријани, беше претставена пред публиката на меѓународниот театарски фестивал МИТЕМ во Будимпешта.„ Да се учествува на фестивал како што е МИТЕМ е чест, задоволство и голема одговорност. Како што знаеме, МИТЕМ ги обединува најдобрите претстави од целиот свет, и за нас, како мала земја, е голема чест да бидеме меѓу нив.
Публиката не пречека многу добро. Беше вклучена и емоционално и физички во претставата, бидејќи самата природа на нашата претстава ја вклучува и публиката физички.
Покрај долгиот аплауз, сите впечатоци по претставата и на пресот или во дискусијата беа навистина импресивни“, ни изјави режисерот Ријани.
Ова претставување е од големо значење за македонската театарска сцена.
„Највредното нешто што ние, како Република Македонија, можеме да го претставиме надвор од земјата и да се претставиме достоинствено, е театарот. Учество на вакви натпревари навистина ја чести нашата земја и ја става рамноправно меѓу другите држави. Се надевам дека во иднина ќе се посвети сè повеќе внимание на претставувањето на нашите театри надвор од земјата“.Оваа година во делегацијата беше и советникот при Министерството за култура, проф. Атила Клинче.
„И оваа година беше голема чест да учествувам на фестивалот MITEM, кој се одржа во Будимпешта, Унгарија – настан кој повторно нè обедини преку универзалниот јазик на уметноста. Ова престижно издание, по 12-ти пат организирано, ја исполни магичната атмосфера на Будимпешта со уметници и љубители на театарот од целиот свет.
Една од највпечатливите програми на фестивалот беше посветена на театрите на етничките малцинства. Во рамките на оваа програма учествував како говорник на професионалната тркалезна маса. Овој значаен собир резултираше со првите чекори кон формирање на Светската асоцијација на театри на етнички малцинства – платформа која ќе овозможи поддршка, видливост и поврзување на уметниците ширум светот“, изјави проф. Атила Клинче и додаде: „Импресивната изведба на сцената остави силен емоционален и интелектуален впечаток врз публиката.
МИТЕМ не е само театарски фестивал; тој е посебна платформа која ја слави трансформативната моќ на уметноста, културната разновидност и силата на поврзувањето меѓу луѓето. Како и секоја година, и оваа година беше привилегија да се биде дел од такво незаборавно искуство“.Музиката во претставата е на Емрах Џемаили, а костимите на Медина Хоџа и Маја Ѓуреска. Играат Џенап Самет, Хакан Даци, Јеткин Сезаир, Сузан Акбелге, Фунда Ибрахим, Несрин Таир, Слаѓана Вујошевиќ, Емине Халил, Зубејде Али, Инес Радончиќ и Един Јакуповиќ. Во претставата, единаесет слепи ликови, фрлени во просторот, се трудат да го најдат патот и да се вратат назад. Притоа одново доживуваат моменти од нивните животи.
Фотографии: Жолт Еори Сабо (Zsolt Eori Szabo).