На свечена церемонија исполнета со инспиративна атмосфера и многу позитивна енергија, во Музејот на македонската борба во Скопје, се одржа прогласувањето на победничките во македонскиот избор за Жена на годината 2024.Наградени беа вкупно 10 дами, кои со својот професионален и општествен ангажман секојдневно и во континуитет поставуваат високи стандарди на деловно и етичко однесување и оствариле забележителни резултати во годината што одминува. Изборот за „Жена на годината“ започна со онлајн номинирање кое беше отворено за целата домашна јавност, при што беа поднесени вкупно 437 номинации. Од сите нив беше формирана листа на финалистки, по 5 во секоја категорија, за кои потоа гласаше жири-комисија составена од претставници на медиуми, образовни институции, организатори и соработници. За Жена со најголеми достигнувања во културата, беше прогласена директорката на Центарот за култура Битола, Маја Андоновска Илијевски.„ Да ги сумирам впечатоците од вчерашниот ден, и да се заблагодарам на сите коментари и честитки кои ми ги упативте, а успеав да ги исчитам сите. Претприемачки благодарам од срце. За мене претставува огромна чест ова признание, кое претставува не само награда, туку и поттик и обврска да продолжам да ја негувам и промовирам културата и уметноста. Оваа награда ја гледам како резултат на голема љубов, долгогодишен труд, инспирација и мотивација кон она што го работам. Но, исто така, ја доживувам и како плод на поддршката што ја добивав од моите најблиски, колеги, соработници,пријатели и од сите оние кои веруваа но и не веруваа во мене и во мојата визија. Без сите нив, ова уметничко патување не би било исто“.
За Андоновска Илијевски културата и уметноста се основата на едно општество.
„За мене, да се биде дел од тој процес е привилегија, но и одговорност. Со оваа награда, таа одговорност станува уште поголема, бидејќи ме потсетува дека уметноста има моќ да остава трајни белези и да го менува општеството на подобро. Ова признание го посветувам на мојот тим, моето семејство, на уметниците со кои ги вкрстивме патиштата изминатите години, публиката која ја доживува уметноста и на идните генерации кои ќе продолжат да ја градат културата со своите идеи и креативност. Ова е признание за мојата Битола. Сакам да изразам искрена благодарност до организаторите на овој прекрасен и инспиративен настан, на сите кои ме номинираа и на жирито кои ме изгласа ,а верувајте во иста категорија бев со уште 5 исклучителни жени на кои им симнувам капа и им се дивам како жена уметник.Благодарам на оваа награда, препознавањето на трудот и за создавањето можности за уметниците да бидат видени и ценети. На крајот, дозволете ми да ја споделам оваа радост со сите вас и да ве поттикнам – продолжете да ја поддржувате културата и уметноста, бидејќи таа е душата на секој народ. Ви благодарам од срце“.За Жена со најголеми достигнувања за општеството, беше избрана претседателката на Сумнал, , Здружението за развој на ромската заедница, Фатма Бајрам Аземовска.
„Со голема благодарност ја прифатив наградата. Ова признание претставува поттик за понатамошна посветеност и работа во полза на заедницата. Искрено им благодарам на Претприемачки што ја препознаа мојата работа и вложените напори за подобрување на општеството. Оваа награда ја посветувам на сите жени кои секојдневно инспирираат со својата сила, решителност и посветеност. Нека ова биде потсетник дека заедно можеме да создадеме подобро утре. Ова признание е доказ дека трудот, посветеноста и заедничките заложби секогаш носат позитивни промени во општеството“.
Ова признание претставува потврда за нејзината неуморна посветеност и заложба за унапредување на животот на заедницата, особено преку промовирањето на образованието, еднаквоста и правата на жените и младите.
„Оваа награда е признание за заедничката работа на тимот на Сумнал во Скопје и Битола, ромската заедница во двата града, волонтерите, институциите и донаторите кои заедно придонесуваат кон позитивни промени во општеството. Нека оваа награда биде поттик за сите жени да продолжат да инспирираат и да создаваат промени во општеството“.Останатите награди отидоа кај: За Лауреат македонска Жена на годината 2024, беше прогласена Елена Пандева (ELENA LUKA), авангардна македонска дизајнерка, но и сопственик и генерален менаџер на повеќе компании од различни индустрии, Жена со трајни вредности – Зорана Костовска, Жена менаџер на годината – Никица Мојсоска – Блажевски, Жена со најголеми достигнувања во науката и технологијата – Јехона Спахиу Јанчевска, Млада жена менаџер на годината (до 40 години) – Зорица Бужаровска Бошковска, Жена со најголеми достигнувања во спортот – Милијана Релиќ, Жена со најдобар стил – Вера Мештеровиќ, Инфлуенсерка на годината – Емм Блажеска (@emmwandera).
Во конференцискиот дел на настанот, свои предавања одржаа: Сања Митровска (Networker); Елена Панова (А1) и Хелена Кодрич Мори. Во панел дискусијата која беше модерирана од Проф. Д-р Маја Кузмановска учествуваа: Биљана Шеновска – Генерален менаџер на ИТД Дистрибуција, Ана Секуловска – Програмски директор во Startup Club Скопје и Елена Лука . Организатори на „Жена на годината“ се Маркетинг365 и Касиа Евентс.