Во Битолската библиотека НУУБ „Св. Климент Охридски“, беше одржана промоцијата на збирките поезија од Илче Стојановски. Посетителите имаа можност да ги слушнат поетските зборови од збирките: Сонце во сонот, Вознесение на зборот, Тајната на тишината, Што ни носи денот.На поетско-музичкиот рецитал, стиховите оживеаја преку прекрасните интерпретации на: Николина Поповска, Марија Наумовска, Ерзинџан Алилоска, Марјан Тасевски Владко Симоновски, кој, исто така, со својот музички талент создаде уникатна атмосфера. Настанот беше вистинско поетско доживување во кое се почувствуваа длабоките и емотивни теми со кои авторот се занимава – од тајната на тишината, преку магијата на зборовите, до љубовта и животот кои го носи секој нов ден. Илче Стојановски ги пренесува сопствените мисли и размисли за светот, природата и човечката душа преку зборови кои допираат длабоко и оставаат траен впечаток. Тој е автор кој со своите стихови влегува во суштината на човечкото постоење, истражувајќи ги нијансите на љубовта, тишината и личното патување. Со секој нов стих, авторот им подарува на читателите искрен поглед во неговиот внатрешен свет. Преку своите збирки, тој нè потсетува на значењето на малите моменти, како и на убавината на секојдневието.
„Ви благодариме што бевте дел од ова незаборавно поетско патување. Останете со нас и понатаму за уште повеќе вакви настани, заедно да продолжиме да го славиме светот на поезијата“, истакнуваат од Битолската библиотека. Рецензенти беа: Илија Мерковски, Весна Муднишевска Велјановска, Илија Крбалески, Николина Поповска.