„Џез Фактори Фестивал“ (Jazz Factory Festival) во Битола има повеќеслојно значење за културниот живот во градот, но и пошироко во земјата. Фестивалот не е само музички настан, туку има силна едукативна компонента. Па така оваа година покрај концертите и промоциите на книги, се одржаа и едукативни работилници за учениците од основните училишта и за средношколците.
Во соработка со Австриската амбасада Скопје и Државното музичко училиште – Битола, успешно се одржа инспиративен Мајсторски клас предводен од австрискиот пијанист Lukas Meissl. Млади музичари од различни инструментални оддели имаа можност да учат, да поставуваат прашања и да навлезат подлабоко во светот на џезот преку директна работа со врвен уметник. Атмосферата беше исполнета со енергија, љубопитност и вистинска музичка размена – токму она што им е потребно на младите таленти за да растат.
„Мастер класовите, како овој воден од извонредниот Lukas Meissl, имаат особено значење за младите музичари бидејќи претставуваат ретка можност за директен контакт со врвни интернационални уметници и за стекнување знаења преку практична работа, што е суштинска надградба на формалното образование. Преку вакви средби, учениците не само што ги усовршуваат своите технички и интерпретативни способности, туку се запознаваат и со современи музички трендови, различни стилови и професионални стандарди, што е од огромно значење за нивниот понатамошен развој. Дополнително, ваквите активности силно влијаат врз нивната мотивација, самодоверба и уметничка зрелост, бидејќи им даваат чувство дека се дел од поширока, меѓународна музичка сцена и дека нивниот труд има реална вредност и перспектива“, истакна директорката на Државното музичко училиште, Марија Шамоска Буџаковски.
Особено е значајно што ваквиот мастер клас се реализира во рамките на Државно музичко училиште – Битола, институција која со години вложува во квалитетно музичко образование и активно создава услови за развој на младите таленти.
„Преку вакви иницијативи, училиштето не само што ја збогатува наставната програма, туку ја отвора вратата кон меѓународна соработка и современи образовни практики, со што директно придонесува за подигнување на нивото на музичката едукација во земјата.Учениците беа фасцинирани, оплеменети со нови идеи и начини на музицирање, а се стекнаа и со едно ново искуство преку влијанието на џезот и праксата пренесена преку овој одличен џез изведувач“, додава директорката.

Од друга страна, Jazz Factory Festival има пошироко културно и општествено значење, бидејќи претставува важна платформа за промоција на џез музиката, но и за едукација, вмрежување и размена на искуства меѓу домашни и странски уметници. „Фестивалот не се ограничува само на концертна програма, туку активно работи на создавање нови генерации музичари преку вакви едукативни настани, што го прави клучен фактор во развојот на музичката сцена. Со поддршка од партнери како Austrian Embassy Skopje, фестивалот придонесува за зајакнување на културната соработка и внесување на европски искуства и вредности во локалниот контекст. За сето ова се заблагодаруваме на Сашо Поповски – директорот на овој фестивал кој како и секоја, така и оваа година не не одмина, и повторно нашиот образовен сегмент како училиште го збогати со мастер класот на еден феноменален џез музичар“ – истакна Ш.Буџаковски.

Покрај во Државното музичко училиште, и во Europe House Битола во Офицерскиот дом, беше одржана едукативна работилница за најмладите. Во една прекрасна атмосфера се разбуди креативноста на најмладите џезери и џезерки, кои учествуваа во работилницата „Jazz Factory For Kids“ и го открија светот на џез музиката. Џезерите и џезерките слушаа како звучи џезот, пробуваа самите да го отсвират и оттука ја почувствуваа магијата на оваа уметност – слободна, разиграна и жива. Во секој ритам се криеше љубопитност, во секој тон искрена среќа, а во секоја импровизација – храброст, да се биде свој. Работилницата ја водеа дипломци и студенти од Џез одделот на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, кои на сите ја пренесоа нивната љубов кон музиката. Во работилницата се вклучи и професорката од Музичката Академија во Будимпешта, Агнес Лакатош, а учествуваа и директорите на Џез фестивалите од Кикинда и Петровац, Драган Влајниќ и Винко Михајловиќ.
„Тука сме за младите, меѓу детските насмевки и разиграните мелодии, каде ја оживуваме уметноста“, ни изјавија од Europe House.
Во рамките на наставните стандарди за реализација на наставата по Музичко образование, учениците од III одделение од ООУ „Коле Канински“ – Битола, под менторство на наставничката Ирена Богданоска, имаа можност да присуствуваат на оваа работилница, која ја посетија во рамките на програмата посветена на музика за деца, каде што преку слушање и активно учество го збогатија своето знаење и доживување на музиката. На овој начин, синергијата меѓу фестивалот и образовните институции создава силна основа за развој на младите музичари, овозможувајќи им пристап до знаење, инспирација и професионални контакти, што е од непроценливо значење за нивниот идeн уметнички пат и за унапредување на културниот и образовниот живот во целина.



