Денес во Софија, во Македонскиот културно-информативен центар, со почеток од 18:30 часот, ќе се одржи настанот: : „Црнилата на себеубивањето“, книжевен поглед кон македонската историја.
„Ќе се осврнеме на овој настан затоа што има историски настани што не завршуваат со чинот на трагедијата, туку тие продолжуваат да живеат во книжевноста, во колективното паметење и во прашањата што остануваат без едноставен одговор. Токму едно такво трагично поглавје од македонската историја е во фокусот на настанот „Црнилата на себеубивањето“. Поводот е драмата „Црнила“ на Коле Чашуле, инспирирана од убиството на Ѓорче Петров во Софија“, истакнуваат од Македонскиот КИЦ во Софија. Преку ова дело, Чашуле навлегува во темните противречности на македонското револуционерно движење, отворајќи ги прашањата за судирот на идеалите, политичките заблуди и трагичната цена на внатрешното разединување. „Црнилата на себеубивањето“ е средба со драмското дело што историјата ја претвора во книжевно сведоштво, а трагедијата во повод за длабоко преиспитување на минатото. Зашто, кога историјата станува драма, таа не зборува само за времето во кое се случила, туку и за последиците што остануваат по неа.
