Во чест на Светскиот ден на науката за мир и развој, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ја одржа Годишната меѓународна конференција на тема „Мултидисциплинарен пристап кон целите за одржлив развој“, која обедини академици, истражувачи и креатори на политики од земјава и странство. На отворањето, добредојде им посакаа ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, проректорот проф. д-р Горан Илиќ и постојаниот координатор на Обединетите нации во Македонија, Рита Колумбија.
Ректорот Неделковски истакна дека конференцијата има постојан фокус на остварувањето на целите за одржлив развој на ОН, нагласувајќи дека УКЛО е водечки универзитет во државата во оваа област, што го потврдува и неговото рангирање на светската листа Times Higher Education Impact Rankings. Посебната вредност на конференцијата, според него, е мултидисциплинарниот пристап и вклучувањето на различни научни и професионални области.
Проректорот Илиќ посочи дека годинашната програма дополнително е збогатена со активностите на алијансата SustainED, чиј основач и полноправен партнер е УКЛО. Во посебната тематска сесија беше истакната улогата на универзитетите во остварувањето на целите за одржлив развој. Поддршка на настанот даде и Канцеларијата на Обединетите нации во Скопје, годинашен коорганизатор. Постојаниот координатор Рита Колумбија нагласи дека науката и младите се клучни двигатели на просперитетот и одржливиот мир, повикувајќи на поголемо учество на студентите и младите истражувачи во ваквите иницијативи.
Главен говорник на свеченото отворање беше проф. д-р Лефтерис Топалоглу од Универзитетот на Западна Македонија во Кожани, Грција, кој ги претстави искуствата и емпириските сознанија за влијанието на зелената енергетска транзиција врз пазарот на трудот, во рамките на проект поддржан од програмата „Хоризонт Европа“. На дводневната конференција, што се одржа хибридно на 13 и 14 ноември 2026 година, беа презентирани околу 70 научни трудови во повеќе тематски панели. Дел од програмата беше и мастеркласот „Одржливата иднина се создава поинаку од денес“, одржан во Студентскиот информативен центар на УКЛО, под боите на Алијансата КОЛОРС.


.
