„Каде што зборовите не успеваат, приказните зборуваат“ – духот на детската литература, инспириран од творештвото на Ханс Кристијан Андерсен, и денес нè потсетува дека најголемите вистини често се кажуваат преку наједноставните приказни.
По повод Светскиот ден на книгата, на 23 април (четврток), со почеток во 18 часот во Кино Манаки во Битола, ќе биде промовирана книгата за деца „Низ детските очи“ од авторката Маја Богоевска. Станува збор за нејзино прво дело наменето за најмладите читатели – збирка од 26 раскази за деца на возраст од 5 до 8 години. Преку внимателно избрани теми и топол наратив, расказите го отсликуваат детското секојдневие, нивната љубопитност и чиста перцепција за светот. Од здрави навики и природни појави, до годишните времиња, планетите и малите животни – секоја приказна носи порака, но и простор за размислување и фантазија.
Промотори на книгата се Биљана Котевска-Димко, професорка по македонски јазик и писателка и д-р Аница Златевска, психолог и автор на литература за деца. Во рамки на настанот ќе настапат и ученици од Гимназијата „Јосип Броз Тито“ – Битола, како и младиот 11-годишен саксофонист Филип Нешковски.
Рецензент на книгата е м-р Ана Кондоклоцис, која во својата оценка за делото истакнува: „Она што ми остави посебен впечаток и ми привлече внимание е тоа како писателката вешто и мајсторски го спојува детето во расказите со природата, љубовта кон растенијата и вкусните плодови, радувањето на детето на секое годишно време и другарството, кое не учи сите нас на најскапоцените вредности кои ги носиме цел живот. Овие писателски изрази на Маја Богоевска допреа длабоко во моето срце, во моите спомени, чувствував како се смее и радува детето во мене…“
Книгата „Низ детските очи“ е добитник на наградата „Пелистерски ракувања“, доделена на конкурс на издавачката куќа „Дата Песнопој“. Маја Богоевска е дипломиран новинар со повеќе од две децении професионално искуство. Од 2016 година започнува со пишување сценарија за детски емисии, а од 2017 година активно создава раскази за деца и е чест гостин на настани посветени на детската литература.
