Home » КУД „Илинден“ го претстави „Џумбиш“ пред битолчани

КУД „Илинден“ го претстави „Џумбиш“ пред битолчани

by culturalchat

Во рамките на Републичкиот Фестивал за народни песни и игри „Илинденски денови“, КУД „Илинден“ Битола го реализираше концертот со наслов „Џумбиш“ – посветен на богатото културно наследство и традицијата на Македонците Муслимани. Постојат зборови што не можат да се преведат. „Џумбиш“ е еден од нив.Може да биде концерт. Но повеќе е состојба на духот. Момент кога музиката, играта и публиката дишат во ист ритам. Кога аплаузот станува дел од кореографијата, а сцената … место каде што традицијата не се чува, туку се живее. „Џумбиш“ е покана да се почувствува таа енергија. Да се слушне звукот на Македонија, да се види убавината на носијата и да се потсетиме дека фолклорот не припаѓа на минатото … туку на секој што ќе седне во публиката.

„Особена гордост за нашето друштво претставува премиерната изведба на четири нови сценски адаптации, изведени во автентични носии. Со нив КУД „Илинден“ не само што ги збогати својот репертоар и гардероба, туку направи уште еден значаен исчекор во истражувањето, зачувувањето и сценската афирмација на македонското традиционално наследство.
Им благодариме на сите кои беа дел од оваа незаборавна вечер – на нашите игроорци, музичари, авторскиот тим и на публиката која уште еднаш покажа дека вистинските вредности се препознаваат и се наградуваат со искрен аплауз“, истакнуваат од КУД Илинден. Имено овој КУД го освои второто место во категоријата автентичен фолклор на World Folk Dance Competition во Истанбул, во конкуренција на 41 ансамбл од целиот свет.Само неколку дена по ова големо меѓународно признание, ансамблот застана пред својата публика. Ова беше вечер во која светските вицешампиони во автентичен фолклор ја споделија својата уметност токму таму каде што отсекогаш ѝ припаѓала, дома, пред битолчани, бидејќи најубавиот аплауз секогаш доаѓа од својот град.
Кога традицијата се негува со љубов, таа никогаш не згаснува. Таа продолжува да живее – на сцената и во срцата на луѓето.

Фото Сашо Ставрев

 

Related Articles