Постојат гласови кои ве враќаат дома.
Концертот на Елена Андоновска беше токму таква вечер. Во чест на Васка Илиева, една од најголемите чуварки на македонската народна песна, сцената на „Илинденски денови“ не понуди имитација, ниту обид да се повтори неповторливото. Наместо тоа, понуди искрен поклон …достоинствен, емотивен и музички зрел.

Елена Андоновска е пејачка со редок вокален раскош. Глас што ја освојува публиката со чистота на интерпретацијата. Со чувство дека секој стих прво го проживува, а дури потоа го отпева.
Тоа е ретка дисциплина. Во време кога многумина се обидуваат да ја направат народната песна поголема од себе, Елена го направи спротивното. Се повлече чекор назад и ѝ дозволи токму песната да биде главниот лик на вечерта.
И токму затоа концертот беше незаборавен.
Со извонредните музичари што ја придружуваа, секоја композиција доби простор да дише. Аранжманите беа современи, но доволно внимателни за да не ја нарушат автентичноста на песните што со децении живеат во колективната меморија. Еден од највпечатливите моменти на вечерта беше кога Елена запеа од балконот на Офицерскиот дом. Одеднаш, концертот престана да биде само концерт. Зградата стана сценографија, балконот како продолжение на сцената, а гласот почна да се спушта кон публиката како да доаѓа од некое друго време. Беше тоа редок спој на музика, архитектура и атмосфера што може да се случи само на места кои имаат своја историја. Под светлата на Офицерскиот дом, пред полното плато, се случи токму она што со години го прават „Илинденски денови“ … не ја чуваат традицијата во музеј, туку ѝ дозволуваат повторно да живее.
И можеби токму затоа оваа вечер ќе остане запаметена.
Не само како концерт во чест на Васка Илиева.
Туку како потсетник дека македонската народна песна сè уште има свои големи гласови. И дека кога тие гласови ќе се сретнат со публика која знае да слуша, традицијата не звучи како минато. Звучи како иднина.
Фотограф | Сашо Ставрев

previous post
