Home » Еден фустан, повеќе приказни: BlackBello и Miyatta испраќаат порака за одржлива мода и поддршка на младите таленти

Еден фустан, повеќе приказни: BlackBello и Miyatta испраќаат порака за одржлива мода и поддршка на младите таленти

by culturalchat

Од ученичка креација на модна ревија во Битола до сцената на Scream Festival во Скопје – еден фустан стана симбол на креативност, соработка и одговорна мода. На настапот на Miyatta на Scream Festival, одржан во T-Arena во Скопје, вниманието го привлече уникатен фустан на тема „Ориент“, кој зад себе носи приказна многу поголема од неговиот дизајн. Фустанот првично беше создаден за модната ревија на „Креативен ден“ во Битола, од страна на тимот од СОУ „Ванчо Прке“ Виница, професорките Сузана и Даница и ученичките Елеонора и Анита, со поддршка од модното студио BlackBello. Креацијата е резултат на заеднички креативен процес во кој се среќаваат знаењето, менторството и талентот на младите дизајнери.
По ревијата, Miyatta и Александра Филипова, креативен директор на BlackBello, дошле до заедничка идеја фустанот да добие нов живот и да продолжи да ја раскажува својата приказна на музичката сцена.Александра Филипова, Creative Director на BlackBello изјавува:
„За мене, одржливата мода не е само прашање на материјали и производствени процеси, туку и на начинот на кој размислуваме за вредноста на едно модно парче. Верувам дека креациите не треба да имаат само еден момент на постоење. Тие можат да продолжат да живеат, да добиваат нови приказни и да инспирираат различни генерации. Особено ми е важно што преку ваквите соработки даваме видливост и поддршка на младите модни дизајнери. Кога креативноста, искуството и меѓусебната поддршка ќе се поврзат, создаваме вредност која е многу поголема од самата облека.“
Miyatta истакна дека е среќна за оваа соработка и ја даде поддршката на младите таленти.
„Некои модни парчиња носат многу повеќе од убавина – носат приказна. Особено ми е драго што имав можност да бидам дел од оваа приказна и да ја продолжам на сцената на Scream Festival. Верувам во креативноста, во младите таленти и во поддршката што си ја даваме едни на други. За мене, вистинскиот стил не е само во тоа што го носиме, туку и во приказната што ја носиме со себе. Слушајте македонска музика. Носете македонски брендови. Поддржувајте македонски таленти. Нашата креативна сцена има што да понуди – само треба да ѝ дадеме можност да блесне“.

Весна Божиловиќ, дизајнер и продуцент од продукција “Божиловиќ“, организаторот на Креативниот ден, рече:
„Токму ваквите приказни му даваат вистинска смисла на постоењето на Креативен ден. Верувам дека потенцијалот е во младите – потребно е само да им дадеме можност, простор и поддршка, а тие ќе направат чуда. Преку меѓусебно поврзување, менторство и соработка, модата, дизајнерите и младите креативци добиваат можност да се препознаат, да создаваат заедно и да го пронајдат своето место во креативниот свет“.И овојпат со оваа соработка се потврди фактот на постоењето и значењето на Креативниот ден: знаењето да се споделува, менторството да создава нови можности, а креативноста да продолжува да живее низ генерациите. Настанот е многу повеќе од простор за презентација на креативни идеи и дизајнерски достигнувања. Тој е можност да се истакне поврзаноста меѓу знаењето, менторството и континуитетот во креативното творештво. Знаењето не е само стекната вештина, туку основа врз која се создаваат нови вредности и се отвораат можности за младите креативци. Менторот не само што го пренесува своето знаење, туку му помага на младиот дизајнер да го пронајде сопствениот израз, самоувереност и креативен идентитет. Вредноста на континуитетот е можеби најубавиот доказ дека креативноста остава трага. Кога една идеја продолжува да живее, кога создаденото инспирира нови генерации и кога креациите го надминуваат моментот во кој настанале, тогаш тие добиваат трајна вредност. За еден млад дизајнер, најголемото признание не е само да создаде нешто ново, туку неговата креација да продолжи да живее, да биде препознаена и да инспирира и понатаму.

Фото: Петар Стојановски/Вангел Тануровски.

 

Related Articles