Битолчаните Давид и Димитриј Стојчевски настапија на свечениот концерт „Вечер со клавир со македонска душа“, организиран по повод Денот на Советот на македонското национално малцинство за Град Загреб. Освен класични дела на концертот беа изведени и преработки на македонски песни и ора во поразличен аранжман кој го приготвија токму браќата Стојчевски.
„За нас како млади пијанисти и музичари беше огромна чест и задоволство што да настапиме пред нашата публика во Загреб“, истакнуваат тие.
Па така на програмата беа: Сплет – Песни од Тоше: Усни на усни, Сонце во твоите руси коси, Тајно моја, Чија си, потоа Сплет од македонски песни: Со маки сум се родил јас, Ој, девојче, Ако згрешам нека изгорам, Македонско девојче, Јовано, Јованке, Сербез Донка и Пиперковото оро (18/8). Концертот беше одржан во салата ,,Тоше Проески” сместена во македонската православна црква Св. „Злата Мегленска“. На концертот настапија и пијанистите Виктор Рафајловски и Иван Стојанов кои заедно со браќата Стојчевски се студенти на Музичката академија во Загреб. На настанот присуствуваа и македонскиот амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски, директорката на македонскиот КИЦ во Загреб Мими Ѓорѓоска Илиевска, како и бројни вљубеници во музиката и македонската култура.
„Изведувачите ја доближија македонската музичка традиција до публиката и уште еднаш покажаа дека нашата култура живее и се развива преку младите генерации“, истакна македонскиот амбасадор. Организатори на концертот беа Советот на македонското национално малцинство за Град Загреб на чело со претседателката Зорица Велиновска.
