Home » Актерката Соња Михајлова добитничка на наградата „4-ти Ноември“ за животно дело

Актерката Соња Михајлова добитничка на наградата „4-ти Ноември“ за животно дело

by culturalchat

По предлог на НУ Народен театар – Битола и директорот Васко Мавровски, доајенката на македонската театарска сцена, актерката Соња Михајлова, е годинешна добитничка на највисокото општинско признание „4-ти Ноември“ за животно дело, што Општина Битола традиционално го доделува за Денот на ослободувањето на градот. Михајлова е актерка со богат репертоар, со десетици улоги кои оставиле траен печат во македонскиот театар. Нејзината преданост, длабочината на интерпретација и неуморната љубов кон сцената ја врежаа не само во историјата на Битолскиот театар, туку и во колективната меморија на македонската културна јавност.
Михајлова е родена на 14 октомври 1958 во Битола. По завршувањето на средното образование во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола, се запиша на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде што дипломира во класата на проф. Љубиша Ѓоргиевски. Вработена е во Народниот театар од Битола од 1984 година, а се пензионира во 2022 година. Таа сѐ уште е активна на својата најсакана сцена – Битолскиот театар. Првенка е во ансамблот на НТБ, ангажирана низ годините во водечкиот репертоар на НТБ, со исклучителен придонес во афирмација на НТБ и македонскиот театар надвор од нашата земја. Во текот на актерската кариера има одиграно повеќе од 150 лика, на матичната сцена на Народен театар Битола и надвор од неа, во претстави и театарски дела.Во Образложението на НУ Народен театар Битола при поднесувањето на предлогот до Општина Битола се вели: „Со особена чест нашата институција ја предлага Соња Михајлова, пензионирана актерка и првенка на НУ Народен театар – Битола, за Наградата „4-ти Ноември“ за животно дело за 2026 година, што ја доделува Општина Битола. Во повеќедецениската кариера, Михајлова – како еден од столбовите на нашиот театар – изгради препознатлив актерски потпис: прецизна техника, суптилен емоционален актерски сензибилитет и моќна сценска естетика, сето тоа благодарение на нејзиниот професионализам, талент и креативност. На битолската сцена и на гостувањата низ земјата и во странство, каде што ја претставува културата и уметноста на нашата земја, а со тоа и мајмногу на градот Битола, таа одигра околу 150 значајни улоги во класичниот и современиот драмски репертоар само на битолската сцена, работејќи со домашни и светски режисери (САД, Русија, Холандија, Бугарија) на делата на Шекспир, Чехов, Достоевски, Горки, Лорка, Лопе де Вега, Васил Иљоски, Ристо Крле, Антон Панов, Владимир Костов, Горан Стефановски, Јордан Плевнеш, Дејан Дуковски и многу други. Од  репертоарска година (2024/25), за споменување се претставите „Куфер“ и „Жиголо“ (режија: Благој Мицевски) и „Едмонд“ (режија: Оливер Мицевски), со кои таа продолжи да работи, а со тоа ид влијае врз естетиката и стандардите на македонскиот театар. Нејзиниот опус е валоризиран со истакнати признанија и награди, меѓу кои и Наградата за животно дело на МТФ „Војдан Чернодрински“, како и бројни награди на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, на ИФАД „Стоби“, на „Охридско лето“ и други.

Паралелно со сценските остварувања, Михајлова дава пример за професионализам и менторска поддршка на помладите генерации, освојувајќи ја публиката и поттикнувајќи го развојот на македонската култура како носителка на културни вредности и обележје на театарската историја. На филмските и телевизиските гледачи им е позната од „Бушавата азбука“, „До балчак“, „Кајмак“ и други проекти. Имајќи го предвид нејзиниот остварувачки опус, нашата институција – НУ Народен театар – Битола – смета дека, поради уметничката зрелост, 42-годишната кариера во континуитет, посебните резултати и културниот и уметнички печат што го остави зад себе, Соња Михајлова е исклучително достојна лауретка на Наградата „4-ти Ноември“ за животно дело. Убедени сме дека ова признание ќе ја верификува нејзината долгогодишна посветеност и ќе го потврди значењето на нејзиниот творечки пример во нејзиниот град – на матичната битолска сцена, пред битолската публика – како составен дел од македонската и светската сцена“.

Related Articles