Home » Промоција на книгата „Кој ти дозволи да шеташ низ туѓи соништа во ниедно време “ наскоро во Скопје

Промоција на книгата „Кој ти дозволи да шеташ низ туѓи соништа во ниедно време “ наскоро во Скопје

by culturalchat

Книгата  „Кој ти дозволи да шеташ низ туѓи соништа во ниедно време “ од Владимир Лукаш ќе биде промовирана на 12. мај 2026 год. во 19:19 часот  во Салон Империјал 2 во Скопје.

Владимир Лукаш е визуелен уметник, писател и музичар од Скопје. Има реализирано десетина самостојни изложби во Македонија, Србија и Германија, и бил дел од стотина групни изложби, перформанси и филмски фестивали во Македонија, САД, Холандија, Турција, Италија, Мексико, Перу, Кина, Хрватска итн. Разносетилниот внатрешен свет на Владимир Лукаш, полн со слики, вкусови, мириси и звуци, е преселен и во поезијата што ја пишува. И кога на сето ова ќе му се додаде и чувствителноста, односно сензитивноста кон собитијата од надворешната стварност, читателот добива поезија што е одраз на тој што ја пишува, или на тој низ кого таа поминува. Важен зачин во овој деликатес е играта, лудизмот, а каде што има игра, таму најчесто има и хумор. Интелигентен и високопарен. Некогаш мимикриран во играта, некогаш лаксатив за неизбежноста. Песните изобилуваат со неочекуваности, на сите страни летаат надреалистички метафори, игри со зборови, водени лудории што голтаат оган, но не залажувајте се, тоа не е само брканица на ластовички што ниско ја надлетуваат водата, сликите продираат длабоко под површината, во сферите каде што светлината е неочекуван гостин.

Цртежите на Јасмина Главинче се одличен контрапункт на песните: наспроти омниотсуството, кое провејува низ стиховите како мирно торнадо (создавајќи густи дождовни облаци од сеќавања), тие градат омниприсуство ослободено од непотребни визуелни метафори и гола илустративност; тие ги парафразираат стиховите „меѓу редови“ и им го подаруваат просторот што им е потребен. Тие не се „рамо за плачење“ туку искрен разговор во четири очи со себеси: тампон-зона во која песните можат да ги испружат нозете, да дремнат 15-ина минути и да се разбудат свежи, без подочници и автораспетија од црномислечки дискурси. Цртежите на Главинче се Ut pictura poesis во најчиста форма: оаза на раатот во вревата на зборот. Гласовите ќе ги позајмат (по неазбучен ред): Билјана Стојановска, Ана Голејшка Џикова, Ѓоко Здравески, Ѓорѓи Митревски и Дарин Ангеловски.  По читачкиот дел, Георги Шарески ќе изведе мал концерт за големи уши од неговиот репертоар за соло гитара.

 

Related Articles