Home » Премиера на филмот „Како плачат улиците“ викендов во Битола

Премиера на филмот „Како плачат улиците“ викендов во Битола

by culturalchat

На 9.мај, сабота во Центарот за култура – Битола, во 19:00 ч. ќе биде прикажан филмот „Како плачат улиците“ – хроника за едно поинакво време кое повеќе го нема. Имено младите битолчани, Христијан Аџиоски, Филип Ошавков и Дејан Трајчевски, тргнаа во една благородна мисија – во ФИЛМ да ги овековечат годините кога урбаната хип-хоп сцена ги трасираше нивните животи и од безгрешни деца со многу соништа, создаде созреани личности, подготвени да газат низ трнливиот пат.За филмот велат: „Ова е филм со многу емоции, во кој можеби ќе пронајдеш и парче од твоето минато, можеби ова е дел и од твојата приказна каде што и твоите усни беа пресретнати на некој клупа во денес осамениот и тивок парк. Филм за една поинаква генерација, која иако денес е распрсната насекаде по светот, во себе го носи тој белег дека некогаш во Битола, стиховите одржуваа братска блискост, другарства што траат“. Ова не е неколкудневна активност, овој проект се работел година и пол, со сопствени средства, ресурси, знаење, како и многу љубов и посветеност.

„Не беше нималку лесен подвигот да се раскаже сопствената младост, да се раскажеш себеси. Бидејќи рапот не е само музика – рапот се личности! Рапот е сѐ што сме ова денес. Златен медалјон што секој од нас го чува како најскапоцена реликвија“, додаваат Христијан, Филип и Дејан. Филмот се снимал на неколку локации низ Битола: во киното „Манаки“ во рамките на КИЦ – Битола, во просториите на Државниот архив на Македонија – одделение Битола, кафе-бар Порта џез, кафе-бар Везилка, Градскиот парк и други места. Исто така, свои видео материјали испратиле наши иселеници од Австралија и САД. Концептот и иницијативата за овој филм се на Филип Ошавков-Генго, кој со години ја разработувал оваа идеја за конечно да дојде денот да ѝ се вдахне душа. Зад креативниот и техничкиот дел, односно реализацијата на филмот, сценарио, режија, снимање и монтажа стојат Христијан Аџиоски и Дејан Трајчевски со неговата Encore media production.

 

Related Articles