Home » Уникатна изложба „Перничињата на мама“ отворена во Прилеп

Уникатна изложба „Перничињата на мама“ отворена во Прилеп

by culturalchat

„Перничињата на мама“ е етно изложбата што беше отворена во фоајето од ЦК „Марко Цепенков“- Прилеп. Презентирани беа педесетина домашни ракотворби – перничиња, изработени од прилепчанки низ годините, кои се дел од домашните оставнини.
На уникатната изложба, присуствуваа градоначалникот Борче Јовчески и претседателот на Советот Дејан Проданоски.

Градоначалникот истакна дека креативноста на неговите сограѓани, локални уметници и занаетчии секогаш ја поддржуваат како општина.

„Имавме чест да присуствуваме на прекрасната Етно изложба на домашни ракотворби во Центарот за култура Марко Цепенков, насловена како „Перничињата на мама”. Оваа изложба не само што го прикажува богатото културно наследство кое што е вткаено во нашата македонска историја и талентот на нашите луѓе, туку и ја поттикнува инклузијата и соработката во нашето општество“ вели Јовчески.

Истата ја отвори етнологот Александар Цветкоски, кој посочи дека е многу убава идејата да се презентира традицијата. Изложбата ја реализираше активот на жени пензионерки при Здружението на инвалидски пензионери на Прилеп, под покровителство на „Комфи Ангел“.


„Секој од нас како мал на почетокот своите први соништа ги имавме отсонувано на маминото перниче, направено своерачно од нашите мајки. Па затоа сакавме да ја пренесиме таа традиција, по повод Осми март, денот на жената“ – изјави Кирил Ристески, претседател на Здружението на инвалидски пензионери – Прилеп. За најубавите и автентични перничиња
беа доделени три награди. Изложбата поетителите ќе можат да ја разгледаат во наредните два дена.

 

 

Related Articles