Театарската претстава „Кокошка“ на независниот театар Вортекс во копродукција со НУ Театар Комедија, ја освои Специјалната награда на Меѓународниот фестивал на современа драма „Кољада плејс“ („Kolyada-Plays“, 2026), што се одржа во Екатеринбург, Русија.
Претставата работена по делото на Николај Кољада, е во режија на Теодора Силјаноска. Во истата играат Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Toме Станковски и Кристина Гиева. Костимограф е Maрија Пупучевска, соработник за сценски движења Дарко Велиќ, изборот на сценографија и музика е на Teoдора Силјаноска, додека дизајнер на плакатот е Михаил Велески.
„Кокошка“ се занимава со копнежот по слобода, љубов и соништа во свет што станува сѐ постуден и апатичен. Низ апсурд, импровизација и баналност, ликовите создаваат жив театарски чин како начин да се справат со сопствениот внатрешен хаос и извитоперените вредности што ги опкружуваат. Налик на џезери, импровизатори, аматери и големи професионалци тие играат против непредвидливото и тешко изговорливото. Во срцето на претставата е младоста, која како бесна глиста вража и ги буди заспаните копнежи за нешто поубаво. „Кокошката“ е немирна, искрена и гладна за промена, судрена со стравот, рамнодушноста и затворениот систем“.
Театар Вортекс е независен театарски колектив посветен на современата изведувачка уметност, интердисциплинарната соработка и општествено ангажираната уметничка експресија. Kолективот обединува млади театарски уметници кои истражуваат физички театар, поетска драматургија и експериментален сценски јазик, преку авторски продукции, работилници и меѓународни соработки. На фестивалот беа и 28 продукции од различни градови во Русија. Претходно претставата беше наградена на 10. издание на PITF “Burbuqe Berisha” со Награда за најдобра претстава, како и Награда за најдобра актерка на фестивалот за Билјана Драгиќевиќ Пројковска.
Вечер ќе биде изведена пред публиката на Скопско лето, во Едукативниот културен центар „Лабораториум“, со почеток во 20:30 часот.
