„Филм кој на крајот открива најголемо богатство во длабоките врски меѓу луѓето.“
„Духовит и емотивен поглед на семејството, љубовта и посветеноста, спакуван во форма на криминалистичка комедија.“
„Во фокусот на Манчевски е урнатиот систем, кој останува зад себе по неисполнетите политички ветувања.“
По освојувањето на Гран-при на фестивалот во Токио, новиот филм на Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“, беше прикажан во официјалната селекција, надвор од конкуренција, на 47. Меѓународен филмски фестивал во Каиро. Во Каирската опера, публиката го проследи филмот со смеа и емотивни реакции, а проекцијата заврши со бурен аплауз. Разговорот со публиката, модериран од програмерката Меги Морган, продолжи до доцна во ноќта, по што Манчевски потпишуваше автограми и се фотографираше со посетителите. Неговото фестивалско присуство беше проследено и со интервјуа за египетски и меѓународни медиуми. На проекцијата присуствуваа египетски филмски критичари и критичарка на The Hollywood Reporter.
Филмот добива пофалби и од меѓународната критика. Cineuropa, Screen Daily и други филмски медиуми ги издвојуваат авторскиот пристап на Манчевски, спојот на хумор и општествена критика и актерските остварувања. „Сестра, брат и шахта“ е приказна за брат и сестра на маргините на општеството, која низ црна комедија зборува за семејството, солидарноста и човечките врски. Главните улоги ги толкуваат Сара Климоска, Филип Трајковиќ и Соња Михајлова, а продуцент е Јане Ќортошев. Филмот е реализиран со меѓународна екипа и со поддршка од Агенцијата за филм на Македонија.
Честитки до Милчо Манчевски и целата екипа за меѓународните успеси и успешното претставување во Каиро.
