Home » Публиката за „Едмонд“: Професионализам до последна капка преточен во театарска претстава

Публиката за „Едмонд“: Професионализам до последна капка преточен во театарска претстава

by culturalchat

После изведбата на „Едмонд“ на Битолскиот театар, на годинешното издание на МФКТ „Ристо Шишков“ во Струмица, реакциите на публиката погласни од било кога. Проф. д-р Катерина Тодороска, историчар, истакна:

„Што видов вчеравечер? Професионализам до последна капка преточен во театарска претстава. И тоа во маестралната претстава „Едмонд“ на Народниот театар – Битола, работена според драмскиот текст на Дејвид Мемет, во режија на Оливер Мицевски“. Во понатамошниот текст додава:
„Што видов вчеравечер?
Сценско остварување кое го следи постепеното распаѓање на човекот кој, обидувајќи се да избега од сопствениот живот, всушност сè подлабоко навлегува во сопствените стравови, страсти и противречности. Парадоксот врз кој почива драмата е особено силен: човекот тргнува во потрага по апсолутна слобода, а завршува физички лишен од неа.
Главниот лик Едмонд Бурк носи одлука да го напушти сигурниот и уреден свет, па животот постепено се претвора во патување кон насилството, отуѓувањето и конечно – затворот.
Режисерот Оливер Мицевски ни‘ понуди реалистичка реконструкција на светот низ кој минува Едмонд (читај НИЕ). Просторот станува психолошки и симболички, со што претставата доби форма на мрачен сценски ритуал во кој реалното и имагинарното, надворешното и внатрешното, постојано се преплетуваат. Особена вредност на режисерската постапка е начинот на кој е употребено актерското тело. Наместо класично сценско движење, се создава систем од гестови, грчеви, тикови, гримаси и гласовни реакции. Ликовите не се само личности со определена биографија; тие стануваат знаци на светот што го опкружува Едмонд. Поради тоа претставата не треба да се гледа исклучиво како реалистична приказна за еден човек, туку и како сценска слика на неговата психичка дезинтеграција“
Во таквата концепција Огнен Дранговски има исклучително тешка актерска задача.

„Неговиот Едмонд е центар околу кој се организира целата сценска енергија. Наместо ликот постојано физички да го освојува просторот, впечатокот е дека просторот, луѓето и настаните го напаѓаат него. Дранговски ја гради трансформацијата на Едмонд преку телесна и гласовна напнатост, создавајќи лик кој истовремено предизвикува одбивност, вознемиреност, но и потреба да се разбере неговиот пад. Секој од членовите на ансамблот има важна функција во создавањето на овој проект, исклучително успешната сценографијата, соодветната костимографијата и музиката која ја дополнува визуелната претставата, не се само декор на дејството, туку напати создаваат чувството на тегобност, изолација и несигурност.
Што видов вчеравечер?
Вообичаено, во театар одиме „удобно“ да набљудуваме туѓа трагедија или среќа. Но, оваа претстава не‘ соочи со дилемите дали и колку нашите желби навистина се наши? Дали човекот, во потрагата по неограничена слобода, може самиот да стане нејзин најголем заробеник? Дали, побуната против баналноста постепено се претвора во самоуништување? И така, драмата ја покажа тенката граница меѓу слободата и „ослободувањето“ од неа. Една од најголемите вредности на оваа претставата не завршува со последната сцена. Таа продолжува како чувство на психолошки пелин во гледачот, како непријатно прашање за границите на личната слобода, за одговорноста и за цената што човекот може да ја плати кога ќе посака да се ослободи од сè – вклучително и од самиот себе.
После се‘ видено и доживеано, прекрасно е чувството дека македонската театарска сцена понуди претстава со трајна вредност“.

Related Articles