Во пријатна и топла атмосфера, во Сити Хаус во Битола, се одржа промоцијата на седумте книги- сликовници од циклусот „Крукалезен свет“ и книгата раскази за деца „Максим“ од авторката Маја Митровска.
Пред бројната публика, составена од деца, родители, љубители на литературата и пријатели на пишаниот збор, беа претставени делата кои низ интересни и поучни приказни ги обработуваат темите за пријателството, љубовта, семејството, различностите и добрината. Особено внимание привлече циклусот „Крукалезен свет“, кој на децата им нуди свет исполнет со фантазија, игра и важни животни пораки. Книгата „Максим“ допре до присутните со својата топла и емотивна приказна. Максим е дете со големо срце и тивок внатрешен свет. Додека спие, неговите соништа оживуваат. „Максим“ зборува за моќта на фантазијата и храброста да се биде свој.
Настанот помина во духот на дружење, насмевки и љубов кон книгата, а посетителите имаа можност да поразговараат со авторката и да ги набават изданијата. Промотор на настанот беше писателката Лили Бошевска, а книгите се печатени и издадени од Мар-Саж Скопје.
Маја Митровска е оперска пејачка, професор во Државно музичко училиште Битола и писател. Автор е на роман за деца и млади „Велинка“; сликовница „Веселата дружина во музеј“; поема „Болештини“, која се простира на 70 страници; музичко сценски драми; детски драмски текстови; песни за детски музички фестивали и др. Ликовно-графичката изведба на сите книги е дело на самата авторка.








