Home » Претставата „Пратеникот“ гостува во Битолскиот театар

Претставата „Пратеникот“ гостува во Битолскиот театар

by culturalchat

Интимниот театар од Битола, со својата најнова премиера „Пратеникот“, гостува во НУ Народен театар – Битола. На 22ри октомври, сабота, во 20ч, на големата сцена во Народен Театар Битола, ќе се одржи најновата премиера на Интимен Театар, работена по текстови на Бранислав Нушиќ и документарни материјали, а во режија на Софија Ристевска Петрушева.

Во претставата играат Валентин Дамчевски, Катерина Аневска и Богдановски Борис кој воедно е и кореограф во претставата.

Тој е танчер и кореограф кој веќе две години работи со Интимен Театар, во едукативните програми за деца и тинејџери.

„Тој е нераскинлив дел од нашата иницијатива да ги запознаеме децата со танцот и со сценските движења на еден креативен и инспиративен начин. Ова е негова втора претстава во Интимен Театар, кадешто тој се јавува како перформер и кореограф, а за прв пат ќе настапи во НУ Народен театар – Битола“, стои во соопштението.

Композитор е Александар Талевски, за кого од Интимниот театар велат: „Кога композиторот на целокупната звучна слика што се користи во претставата е и главен иницијатор за сите воведени иновации во целокупниот творечки процес; кога е најдобар пријател на сите нас; кога е дојден на репетиција секогаш порано од другите, и кога редовно не пречекува со нови парчиња музика што инспирираат; тогаш човек е повеќе од сигурен дека работи со вистински професионалец, и со уметник со страст за театарот, и љубов кон сите колеги во процесот“.

Дизајнот на светлото е на Горан Петровски, костимограф Валентин Дамчевски и DRAMA – 3/4 тричетврти by Jasmina. Шминката е на Стефанија Стојчевска, а фотографиите и дизајнот на Гоце Веселиновски.

„Интимен Театар од сесрце им се заблагодарува на директорот Иван Јерчиќ и на целиот уметнички и технички персонал на Битолскиот Народен Театар, за топлиот прием, и за професионалниот однос кон нашата претстава и екипа“, истакнаа од Интимниот театар.

„Пратеникот“ е претстава за љубовта во време на либерален капитализам. Претстава за борбата на емоционалната човечка природа, со притисоците на општествениот систем што дехуманизира. Претстава за злото. Претстава за исконската потреба на човекот да доминира, да победува и да покорува. Претстава за тагата и за бесмислата, а во исто време претстава за надежта. “Пратеникот” е емоционално и рационално патување, низ нашите стремежи да бидеме среќни.

Билетите можат да се купат пред самата претстава во сабота, или да се резервираат на 078 356 785.

 

Related Articles