Директорката на Националната установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Битола, м-р Емилија Стефановска-Давкова, заедно со библиотекарите м-р Гордана Ѓоргиевска Неделковски, м-р Милка Котевска, Ирена Колевска, Маријан Колевски и Никола Марковски, учествуваа на третиот по ред COBISS ден 2026, кој се одржа на 12 ноември 2026 година во Мултимедијалната читалница на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје.
Настанот претставуваше значајна можност за стручно усовршување и запознавање со новитетите во системот COBISS, насочени кон осовременување на библиотечното работење и модернизирање на услугите за корисниците. Главните теми беа примената на вештачката интелигенција, системските иновации и новите функционалности и можности на апликациите COBISS Lib, COBISS Cat и COBISS Plus. Со поздравни обраќања настанот го отворија директорот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, Јовица Никчевски и директорот на Институтот за информациски науки (IZUM) од Марибор, Словенија, д-р Алеш Бошњак.
Свои стручни излагања имаа Давор Брачко и Наташа Муркович од IZUM, Жаклина Ѓалевска, Валентина Дојчиновска Илиоска и Весна Бошева Русовски од Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, како и Елизабета Трпческа Петрушевска од Универзитетската библиотека „Кочо Рацин“ – Тетово.
„Стекнатите знаења и искуства од обуката ќе бидат пренесени и споделени со колегите во Библиотеката во Битола преку внатрешна дисеминација и стручна размена, со цел нивна практична примена во секојдневното работење, поефикасно користење на системот COBISS и унапредување на квалитетот на библиотечните услуги“, истакнуваат од НУУБ. Св.Климент Охридски Битола.

