На 15 септември од 20 часот, Кинотеката на Македонија – продолжува со уште една уникатна вечер на „Нем филм 2026“, со две значајни дела од историјата на немиот филм: „ЕДНА НЕДЕЛА“ (One Week) на Бастер Китон и Едвард Ф. Клајн и „ЧЕТИРИСТОТИНИ ТРИКОВИ НА ЃАВОЛОТ“ (Les Quat’Cents Farces du diable) на Жорж Мелиес. Двата филма ќе бидат музички придружувани во живо од ансамблот „Консонанс“. Основан во 2007 година, ансамблот низ годините го проширува својот состав и звучниот израз, создавајќи богата музичка подлога за филмските слики.
„Една недела“ (1920, САД, 22 мин.) е духовита немa комедија во која млад брачен пар добива монтажна куќа како свадбен подарок и се обидува да ја изгради за само една недела. Она што требало да биде едноставна задача се претвора во серија визуелни комични ситуации. Во главните улоги се Бастер Китон, Сибил Сили и Џо Робертс. Режијата и сценариото се на Китон и Едвард Ф. Клајн. Филмот во 2008 година е внесен во National Film Registry на САД како дело со културно, историско и естетско значење.
Во „Четиристотини трикови на ѓаволот“, Жорж Мелиес нè носи во фантастичен свет на алхемичари, измами, магични трансформации и ѓаволски искушенија. Филмот е од 1906 година, трае околу 17 минути, а Мелиес е режисер и еден од изведувачите, во улогата на алхемичарот Алкофрисбас/Сатаната.
