Во последниве години често зборуваме за тоа дека ни недостига култура. Но можеби не е тоа проблемот. Можеби ни недостигаат простори во кои културата може да се случи без да биде принудена да биде спектакл. Навикнавме уметноста да ја мериме со бројот на продадени билети, со големината на сцената, со продукцијата и со светлата. А таа, понекогаш, се случува токму тогаш кога ќе се откажеме од сето тоа. Во една нова битолска кафетерија, меѓу мирисот на кафе и минималистичкиот ентериер, музиката, поезијата и сценскиот говор неодамна создадоа вечер што повеќе личеше на интимен разговор отколку на јавен настап.

„Културна кауза“ не се обидува да ги избрише границите меѓу различните уметности. Напротив. Им дозволува секоја да остане своја. Поезијата не станува песна, музиката не станува илустрација, сценскиот говор не ја презема главната улога. Секој медиум го задржува својот идентитет, а заедно создаваат нешто што денес ретко го среќаваме – внимание.
Најголемата вредност на оваа вечер во кафе Тигре, не беше во самата изведба. Беше во довербата дека публиката сè уште е подготвена да слуша.
Без потреба од постојана визуелна стимулација.
Имаше само неколку свеќи, пијано, човечки глас и зборови што не се плашеа од тишината.
Тоа е ризик што денес ретко кој го презема. Особено надвор од институциите.
Токму затоа изборот на просторот не беше случаен. Последните месеци TIGRE полека покажува дека може да биде повеќе од добро дизајнирана кафетерија. Не затоа што организира многу настани, туку затоа што внимателно избира какви настани ќе прими. Тоа е суштинска разлика. Не секој простор мора да стане културен центар. Но секој простор што ќе отвори врата за вистинска уметност, станува дел од културната мапа на градот. Можеби токму тоа е најважната порака од оваа вечер. Дека културата не живее само во театрите, музеите и концертните сали.
Таа живее таму каде што некој ќе создаде услови луѓето повторно да се соберат околу идеја, околу музика, околу стих. Со доволно тишина за зборот повторно да добие тежина.



