Home » Концерт на Благој Нацоски по повод 20 години кариера

Концерт на Благој Нацоски по повод 20 години кариера

by culturalchat

Во Македонската опера и балет се одржа концерт на нашиот тенор Благој Нацоски насловен како „ Вечер со Благој Нацоски: првите 20 години“. Гости на концертот беа Наде Талевска, сопран и Васко Здравков, баритон. Пијано придружба Јанинка Невчева, а режисер на концертот е Дејан Прошев. Водител: Огнен Јанески.

„Драги мои, импресиите се се’ уште силни и дури сега кога поминаа повеќе часови од дружбата во МОБ успевам на напишам нешто. Вечерта помина онака како што посакував, различно од еден концерт на оперска музика на кој сте/сме навикнати. Им благодарам од срце на Јанинка, Наде и Васко за посветеното учество, благодарам до целата Национална Опера и Балет за организацијата и едно огромно благодарам до Огнен без кој вечерта немаше да биде онаква каква што беше. Посебно благодарам и на сите вас многубројни во публиката и на сите оние кои ме следат и бодрат во овие први 20 години и без кои не би бил тоа што сум“, напиша Нацоски на социјалните мрежи.

На програмата беа изведени арии од композиторите: Џузепе Џордани, Жил Масне, Џоакино Росини, Џузепе Верди, Франческо Чилеа, Џакомо Пучини и др.

„Некои од нив имаа и симболика за мене, односно се поврзани со важни или интересни моменти од мојата кариера. На концертот имавме и македонска преработена музика“, додава Благој.

Благој Нацоски е најпознатиот македонски тенор кој веќе 20 години ги освојува сцените ширум целиот свет. Се издвојува по особената музикалност, префинетиот стил на изведба, неговата харизма и впечатливиот сценски настап. Изминатите години Нацоски бележи огромни успеси во Миланска Скала, Њујорк, Токио, Париз, Парма, Бангкок, Макао, Неапол, Валенсија, Палермо, Кина како и на светските премиери на оперите „Страв“, „Сега е мрак“, „Дрдорењара на Лапо“ каде ги толкува главните тенорски партии. „Изминатите години беа исполнети со убави моменти што ми ги пружи професијата. Би сакал да избројам колку часови имам поминато во авион досега во мојот живот, а од друга страна всушност, воочувам и колку ни е мала планетава, за само 12 часа сте од другата страна на светот. Исто така, она што ми е интересно и би сакал да го напоменам е дека до пред некоја година бев секогаш најмладиот учесник во една оперска продукција и тоа веќе не е така, како преку ноќ да се променија нештата“, истакна Нацоски за Сакам да кажам.

Пред крајот на 2022 одржа три концерти во македонската филхармонија. Со оркестарот на Филхармонијата тој настапи како солист заедно со пијанистот Лука Чамаруги од Италија. Следниот ден заедно одржаа камерен концерт насловен „Меѓа“, на кој во рамките на програмата „Убавата воденичарка”, на Франц Шуберт, имаше македонска премиера.

На 17. декември Нацоски настапи и како солист на операта, во популарната сценска кантата „Кармина Бурана“ од германскиот композитор Карл Орф, заедно со Катерина Стојановска и Нико Ѓоргиевски.

Изминатиот период тој настапи во светската премиера на операта ‘Сега е мрак, прашајте’ во главната тенорска улога во театарот „Верди“ во Сасари. Потоа следуваше рецитал во Милано, односно циклусот ‘Зимско патување’ од Шуберт. Настапува во театарот ’Масимо’ во Палермо, со операта ‘Набуко’, а потоа и во Операта во Тенерифе со ‘Бал под маски’. Непосредно пред доаѓањето во Скопје настапи во операта ‘Боеми’ од Леонкавало во Катанија. На 27. декември настапи на концерт за мир во Беневенто.

Особено успешен е и како концертен односно камерен пејач изведувајќи музика на Шуберт, Шуман, Малер, Брамс во Дуо со пијанистот Лука Чамаруги. Нацоски дебитираше во февруари 2003 со настапот на сцената на Римската Опера (Teatro dell’Opera di Roma), како прв Македонец што воопшто настапил во оваа престижна оперска куќа.

Од таму неговата кариера рапидно се шири низ целиот свет, настапувајќи во најпрестижните театри низ целиот свет како «Сан Карло» во Неапол, «Реџо» во Парма, Операта во Каљари, «Верди» во Трст, «Карло Феличе» во Џенова, Театарот Масимо во Палермо, Белини во Катанија, Операта во Сасари, Цирих Опернхаус, Баварската Државна Опера од Минхен, Операта во Франкфурт, Државната Опера во Штутгарт, Кралската Опера „Ла Моне“ во Брисел, Канадската Опера во Торонто, Операта во Сиетл, Националната Опера во Прага, Операта во Лимож, Гран Театарот во Екс Ан Прованс, Театарот Бунка Каикан во Токио, Сантори Хол во Токио, Рјутопиа Центарот во Ниигата, Национална Опера во Варшава, Градскиот Театар во Клагенфурт, Националната Моравска Опера во Острава, како и Фестивалите во Салцбург, Мишколц и Халвил.

Нацоски има снимено неколку ДВД, и тоа Сонот на Скипион за Дојче Грамофон и Аријадна на Наксос за ТДК и ЦД на Лучија од Ламермур за Динамик, Ромео и Јулија заедно со Андреа Бочели за ДЕККА, Зенобија во Палмира за Бонџовани и Те Деум од Флавио Колусо за МР Класикс. На 27ми јануари излезе и ДВД и Блу-Реј од претставата Турандот од Миланска Скала повторно за ДЕККА. Во 2008 е прогласен за „Амбасадор на македонската култура во Италија“, а во 2016 година доби и признание „Човек на годината“ од весникот Нова Македонија.

Следните настапи ги вклучуваат сцените во Катанија, Џенова, Бари, турнејата во Јапонија, концерти во Мантова и Удине итн.

 

Related Articles