Има вечери кога фолклорот не се памети само по песната, играта и носиите. Се памети и по моментите што засекогаш го менуваат нечиј живот. По настапот на Фолклорниот ансамбл „Битола“, на сцената на 56. издание на „Илинденски денови“ се случи едно од најнеочекуваните и најемотивните изненадувања на фестивалот.
Пејачот и игроорец Никола Зацески, пред бројната публика, клекна на колено и ја побара за жена својата долгогодишна љубов Наталија Цветкова. Облечени во македонска народна носија, тие создадоа слика што совршено го спои она што фестивалот го слави веќе 56 години, традицијата, припадноста и човечките вредности што се пренесуваат од генерација на генерација. Аплаузите, насмевките и солзите радосници на нивните колеги од ансамблот и на публиката го претворија овој миг во уште еден незаборавен спомен од годинашното издание на „Илинденски денови“.
На младите Никола и Наталија им посакуваме нивниот заеднички живот да биде исполнет со истата љубов, почит и заедништво што вечерва ги почувствувавме сите. Нека ова „да“ биде почеток на едно долго заедничко оро низ животот.
фотограф | Диоген Хаџи Коста Милевски

