Home » Вечер на дружење и креативност „Меѓу редовите и чашата вино“

Вечер на дружење и креативност „Меѓу редовите и чашата вино“

by culturalchat

Во просториите на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола се одржа едно прекрасно книжевно дружење, исполнето со топлина, искрени разговори, насмевки и многу емоции. Вечер во која, барем за миг, присутните го оставија секојдневието зад себе и си подарија време за себе, за книгите и за она што ги поврзува.Жени, мајки, борци, читателки, секоја со својата книга, својата животна приказна, своите предизвици и надежи. Затоа што понекогаш во страниците на една книга ќе пронајдеме токму она што ни недостасувало утеха, разбирање, охрабрување или едноставно чувство дека не сме сами. Уште еднаш се потврди дека библиотерапијата е многу повеќе од читање. Таа е можност да се препознаеме во туѓите приказни, да ги споделиме сопствените чувства, да се охрабриме и да најдеме малку мир во моќта на пишаниот збор.
„Голема благодарност до Здружението „Сложувалка срце“, Клубот на читателки при Здружението „Невроразлични“, како и до сите останати вљубенички во книгата, кои со своето присуство, искреност и отворени срца ја направија оваа есенска вечер посебна. Некои средби не завршуваат кога ќе се испие последната чаша вино, ниту кога ќе се затвори последната страница од книгата. Тие продолжуваат да живеат во нас, во спомените, во мислите и во топлината што ја носиме со себе“, истакнаа од НУУБ. „Св. Климент Охридски“ Битола.
Клубот на читателки продолжува да инспирира со книги, со разговори, со споделени приказни и со надеж. Зашто секоја жена заслужува свое мало катче, своја приказна и време во кое ќе биде само своја.

 

Related Articles