Home » Дружба преку пишаниот збор на Маја Митровска со учениците од ОУ.Стив Наумов

Дружба преку пишаниот збор на Маја Митровска со учениците од ОУ.Стив Наумов

by culturalchat

Учениците од IIIг – одделение од ОУ.„Стив Наумов“ Битола, заедно со одделенскиот раководител Зоре Ѓоргиевска, реализираа литературна и ликовна работилница, несекојдневна и интересна активност посветена на промоција на книга. Професорката м-р Маја Митровска пред учениците ја презентираше својата нова книга, возбудливиот и интересен роман за деца и млади “Велинка”. Преку забавни и добро осмислени активности предвидени за работилницата, Маја ја поттикна детската креативност, ја разбуди детската фантазија барајќи инспирација и за нова книга посветена на најмалите читатели. Учениците успешно ги реализираа активностите, со големо задоволство активно се вклучија во секоја дискусија, литературно и ликовно ги изразија своите емоции. На големо задоволство на писателката учениците искажаа само пофални зборови за поминатото време, активностите и литературното дело “Велинка”. Секој ученик изрази желба да ја има книгата, што поскоро да ја прочита, страница по страница да го открие светот на Велинка.

„Голема благодарност за м-р Маја Митровска, за прекрасната презентација на “Велинка”, за поттикнување и развивање на љубовта кон пишаниот збор кај најмладите. Сите заедно заклучивме дека книгата е најголемо богатство, со секоја нова книга што ќе ја прочитаме ние стануваме побогати. Ние веќе знаеме која е новата книга што ќе ја прочитаме, а воедно ја препорачуваме на секој љубител на пишаниот збор“, истакнуваат од училиштето.Приказната за Велинка започнала да се ткае уште пред десеттина години, кога Митровска измислувала десетици приказни за добра ноќ за нејзиното дете. Велинка се надоградувала со доаѓањето на второто дете, и токму затоа оваа фантастична приказна Маја им ја посветува ним. Книгата е издадена во соработка со издавачката куќа АНТОЛОГ. Сите ликови и случки се измислени и произлегуваат од фантазијата на Маја,  но со времето ликот на Велинка не и излегувал од мислите, „срцето на Велинка почна да чука преку моето, ја живеам нејзината среќа и несреќа без да сум ги доживеала лично“, истакнува Митровска.Судбината на девојката Велинка, оживеа преку пишаниот збор и цртежите. Taa е природна и натприродна, вистинска и измислена, убава и неубава, една – единствена и искрена како дете.

„Визуелната перцепција за ликовите ме поттикна уметнички да ги олицетворам, па така денес, тие се наоѓаат во книгата“, додава Маја. Со оваа книга таа порачува дека не треба да престанеме да мечтаеме и да веруваме. Таа сака да ги охрабри сите креативци да фантазираат, да запишуваат и да си веруваат, затоа што преточувајќи ги чувствата и мислите во зборови, ќе ја воздигнат креативната моќ која клокоти во нив. Нека создаваат за да остават дел од себе за идните поколенија. Митровска порачува да се негува детето во нас, да се надеваме , да љубиме, и целиот космос ќе ни помогне во целите!

 

Related Articles