„Тажен и прекрасен свет: филм 2005-2015“ е насловот на книгата на авторот Дејан Трајкоски. Во книгата се поместени интервјуа и рецензии создадени во периодот од 2005 до 2015 г. Повеќето од интервјуираните во 26-те интервјуа се наградени со „Оскар“, „Златен лав“, „Златна мечка“.
Интервјуата се работени во живо, на фестивали и манифестации во земјава и во странство. Меѓу застапените режисери се и легендарните Јиржи Менцел, Никита Михалков, Кшиштов Зануси. Книгата содржи и 74 рецензии за повеќе македонски и странски филмови од почетокот на овој век, но и за неколку легендарни филмови од минатиот век. Текстовите се објавувани во дневниот весник „Вечер“ и во кинотечното списание за филм „Кинопис“. Дизајнот на корицата го направи Стоиле Давчевски. Претходно Трајкос ја промовираше Збирката „Филмски песни“ и во Битола, во издание на издавачката куќа „Бата прес“ и беше објавена минатата година.
Се работи за поезија на метафизичко проникнување на човековата егзистенција, низ дијалог со филмовите, или делови од нив. Дејан Трајкоски е роден 1977 година во Прилеп. Дипломирал филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Идеен автор и директор на фестивалот ПРО-ЗА Балкан. Автор е на романите „Вистина. Љубов. (рашомонијада)“ (2012) и „Неверство“ (2014). Овај роман беше финалист за годишната награда за прозна книга на Друштвото на писателите на Македонија „Стале Попов“, беше во потесен круг за наградата на „Утрински весник“ и е награден со наградата „Македонска книжевна авангарда“ и е преведен на повеќе јазици, меѓу кои англиски, германски, ерменски, арапски, српски и албански.
Трајкоски работел како новинар, селектор на филмски фестивал, уредник, издавач. Член е на Интернационалната федерација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, пред се автор кој, во поглед на јазичната умешност, сочните дијалози и впечатливата описност, познавачите го споредуваат со македонските класици Петре М. Андреевски и Живко Чинго, велејќи дека тие се вистински „татковци“ на неговата проза.