Во Анастасија Центар Битола, во студиото Welcome to Stefanija’s Music World, како во зимска бајка се одржа долго најавуваната промоција на вториот студиски албум на Стефанија Милевска Враниќ. Најхрабрите битолчани, направија напори со снежните виулици и имаа можност да уживаат во новите песни, кои беа презентирани на доста специфичен начин, секоја просторија во Центарот беше тематски уредена за темелно да се пренесе секоја од песните и промоцијата се одвиваше во три дела. Албумот е како една автобиографска музичка приказна која пренесува пораки и сите песни се поврзани една со друга. Стилот на албумот е современ синт поп со етно-џез примеси, составен е од авторска музика и текстови на Стефанија, снимани во музичкото студио Welcome to Stefanija’s Music World, миксот е на Петар Димитровски, микс и мастеринг – Владимир Аговски.
Албумот започна да се создава пред 8 години, прво во форма на расказ, кој беше награден, па во перфроманс за кој беа направени и демо песните, за на крај да се создаде овој албум кој ќе го овековечи ова дело.
Настанот започна со танцовиот перформанс на Екатерина, танчерка на Анастасија Центар, која ја пренесуваше приказната на нарацијата „Девојчето со долгата коса“. Стефанија ја долови поентата на самиот албум дека „Девојчето со долгата коса“ е всушност таа, малото девојче кое од дете расте и се развива на сцена, се пронаоѓа, прераснува во свесна личност, повторно се враќа на основните и суштински детски потреби, односно вистинските вредности како хуманост, љубов и среќа. Се открива себеси како единка која се наоѓа на ова македонско тло, носејќи ги со себе менталитетот и културата кои влијаат врз градењето на една личност.
Костимот за промоцијата на Стефанија го изработи Анастасија Зулевска, а за фризурата се погрижи Анадријана Петровска – Арија.
ФОТО: Александар Петровски