Home » Џез фактори фестивалот дел од најголемата музичка конференција во регионот

Џез фактори фестивалот дел од најголемата музичка конференција во регионот

Интервју со директорот Сашо Поповски

by culturalchat

Најголемиот настан на професионалци од музичката индустрија во регионот, Контакт конференцијата, се одржа по 7-ми пат во Белград, во организација на продуцентската куќа Контакт Конференција, промотерската куќа Одличан Хрчак и Белградскиот фестивалски центар – ЦЕБЕФ, а под покровителство на градот Белград.

Новото издание на Контакт го одбележаа форуми, панели, креативни работилници и јавни дискусии, чија цел е дополнително да се подобри работата на сите сектори кои ги сочинуваат креативните индустрии и забавната индустрија. Еден од панелите што се одржа како дел од Контакт 2023 беше All that jazz . На панелот се дискутираше за неколку теми и тоа:

Како џез музиката од клубот, интимната сцена лесно ја освојува големата сцена? Зошто различни музички хибриди денес се етикетирани како џез?На панелот од Македонија претставник беше професорот и директорот на Џез фактори фестивалот, Сашо Поповски, а покрај него од другите земји и : Мирон Хаузер од Хрватска, Драгослав Станисављевиќ од Србија, модератор беше Иван Илиќ.Поповски зборуваше за проблемите со кои се соочува џез-сцената во Македонија, но кои може да се поистоветат со проблемите на оваа сцена низ регионот.

Што значи учеството на оваа конференција за македонската џез сцена?

С.П. Контакт Белград е најголемата регионална конференцијаза музичка индустрија која е поделена на два дела:

  • Шоукејс програма во која артистите ја претставуваат својата музика во вид на кратки концертни сетови од 30м пред професионалци од индустријата (букери, промотери, организатори на фестивали, радио станици, дигитални музички медиуми итн.),
  • Панел дискусии на професионалци од музичката индустрија во кои се дебатира на теми кои се директно насочени кон согледување на  состојбите со музичката индустрија во различните земји, и давање сопствено видување кон подобрување на целокупната состојба.

Пред се најголемата придобивка е што во седмото издание на Контакт за прв пат се организираше панел за Џез музика на кој претставник од Македонија е Џез Фабрика Фестивал Битола, а во делот за едукација Универзитетот Гоце Делчев – Штип преку Џез одделот на музичката академија.

Ако ги погледнете имињата на делегатите/панелистите кои учествуваа во дебатата: Драгослав Фреди Станисављевич – РТС Биг Бенд (Србија), Мирон Хаусер – Џез оркестар на ХРТ (Хрватска), Иван Илич – РТС БигБенд (Србија) и Сашо Поповски – Џез Фабрика Фестивал и УГД – Штип (Македонија), очигледна беше намерата на организаторот на својот прв панел за џез музика да учествуваат еминентни и реномирани ре-презенти од џез сцените на своите држави.

Можноста да се зборува за Македонската џез сцена на толку голем настан е предизвик кој со себе носи и голема одговорност, бидејќи токму нашата Македонска џез сцена во изминатите 15 години доживува своевидна ренесанса главно поради отворањето на џез одделот при УГД кој е своевиден расадник за формирање на современи џез артисти со висок квалитативен степен на едукација, потоа не смееме да го заборавиме и фактот што имаме и светски нај-високо рангиран џез фестивал (Скопје Џез Фестивал) кој има над 40 изданија како и здружението на џез музичари кое ги обединува артистите и ја зацврстува Македонската џез сцена.

Како џез музиката од клупска интимна сцена пополека ја освојува големата сцена?

С.П.-За жал, кај нас клупската џез сцена е толку мала (3-4 клубови) што и реално не ни може да се каже дека постои. Тоа отвора голем број на полемики поради што е ваква состојбата. Мое лично убедување е дека моделот на организација кај нас е погрешен и на самиот панел направив паралела со начинот на структурна организација со еден клуб од Холандија. Голем фактор за непостоењето на ваквиот тип на сцена е и не-поддршката од страна на државниот и локалниот апарат (министерство-општина) кои сеуште не ги препознаваат овој тип на клубови/сцени како релевантни генератори на културна програма што е апсолутно погрешно, како и непостоењето на реална поддршка од комерцијалните партнери / компании во делот на формирање на изведувачката програма на клубовите.

Па така на џез музичарите – артистите единствено им преостанува фестивалската сцена која треба да биде промотер на новите албумски изданија како и претставување на соработките со интернационални артисти или фестивали. Бројот на џез фестивали во Македонија (5-6) секоја година варира најмногу поради не-поддршката од страна на Министерството за култура и не постоењето стандардизација и професионално оценување од страна на комисиите во самото министерство.

Ова претставува своевиден парадокс бидејќи како Македонска џез сцена немаме клубови (генератор на соработки и нови изданија помеѓу артистите), фестивалите се организираат со буџети кои се толку мали што во споредба со фестивалите од ЕУ не се ни 2% од нивните буџети, а ентузијазмот кај музичарите како и желбата за креација и создавање никогаш не била поголема.

Зошто различни музички хибриди денес се етикетираат како џез?

С.П.- Па не би рекол дека тој музички тренд е од денес, напротив уште во средината на 1950г. и појавата на Орнет Колман на џез сцената се отвора патот за креирање на современи стилови на џез кои кореспондираат со времето во кое се создаваат. Тоа што за некој денес е “хибриден џез“ за други е џезот на нивната генерација, и тоа е сосем нормална појава. Развојот на технологијата, промената на начинот на слушање на музиката како и дигиталните музички платформи – го моделираат денешниот џез низ континуиран и незапирлив процес. Тука се наметнува и историското прашање „што е тоа џез“?

За некои тоа е музиката на Бади Болден, за други Чарлс Мингус а за трети оние помладите и храбрите – токму штотуку аплодираниот албум од непознат артист на Бендкамп или Спотифај.

Мое субјективно мислење е дека џез е: секоја оригинална музика која е презентирана низ јазикот и особеностите на џез музиката.

Како џезот да се доближи до пошироката публика?

С.П.- Преку едукација на публиката, индивидуални – истражувања, запознавање на најмладите уште во основно училиште за постоењето на уметничка форма на музика, задолжително воведување на џез музиката како посебен оддел во средните музички училишта, формирање на национален џез експорт и сл.

Да се навратиме на конференцијата. Кое беше твоето излагање?

С.П.- Во првиот дел моето излагање беше насочено кон запознавање на панелистите и публиката со состојбата со џез клубовите во Македонија, моделите за организација како и насоки за подобрување на состојбата која е на не-завидно ново, и миграцијата кон фестивалската сцена како и придобивките на артистите кои ги добиваат со самите фестивалски настапи. Во овој дел зборував и за предизвиците за организирање на фестивалите од страна на промотер, со какви препреки се соочуваме, начини на буџетирање, медиумска застапеност, логистика и други параметри кои се од есенцијално значење за реализација на успешен џез фестивал како и негов континуиран напредок.

Во вториот дел се отвори дебата и ги презентиравме разликите и сличностите во кои се наоѓаат џез сцените во Македонија, Хрватска и Србија, проблемите со кои се соочуваме и што е најбитно на повидок се неколку идни соработки помеѓу официјалните претставници на овие земји.

 

Related Articles