Home » Фестивалот Си-До создава вредности кои траат-разговор со организаторот Дарко Шерденков

Фестивалот Си-До создава вредности кои траат-разговор со организаторот Дарко Шерденков

by culturalchat

Детскиот фестивал Си – До, оваа година одбележува значаен јубилеј – 30 години од своето основање. Сите песни се снимени – секоја со своја душа, своја емоција и своја приказна што едвај чека да ја раскаже. Со нетрпение го броиме времето до 6 мај кога ќе се одржи фестивалот. Во текот на изминатите три децении, фестивалот изгради силен идентитет и стана препознатлива платформа за промоција на детската музика и откривање нови млади таленти. Преку бројни изведби, авторски композиции и сценски настапи, фестивалот остави траен белег во културниот живот, создавајќи генерации млади изведувачи и песни кои останаа запаметени.

Јубилејното издание ќе понуди посебна програма и ретроспектива на најзначајните моменти од изминатите години и изненадувања кои ќе ја одбележат оваа важна годишнина. Децата – срцето и суштината на оваа приказна – со возбуда и радост го исчекуваат новото издание. За нив, „СИ-ДО“ не е само фестивал, туку остварен сон, прва сцена и незаборавно искуство што останува врежано засекогаш. Еуфоријата секојдневно расте, а очекувањата се сè поголеми во пресрет на јубилејното издание, кое ветува бројни изненадувања и посебни моменти. По повод јубилејот разговаравме со организаторот на фестивалот, Дарко Шерденков.

Д.Ш. – Подготовките за секое издание како и за ова се одвиваат преку целата година, со посебен акцент на квалитетот и симболиката на јубилејот кој ќе се оддржи во Центарот за култура во Битола на 6 и 7 мај. Изминатиот период се работеше на селекцијата на композициите и изведувачите, па техничка продукција, организација на сценскиот настап и вклучување на поранешни учесници за да се задржи континуитетот и традицијата.

Оваа година фестивалот ќе има проширена програма, поделена во два дена.

Д.Ш. – Првиот ден ќе биде традиционален, како и секоја година – ќе бидат изведени 18 нови детски песни ,можам да кажам дека оваа година ќе имаме многу хитови, со учество и на некој гостин од соседните земји и со многу изненадувања како за изведувачите така и за публиката. Вториот ден ќе биде голем предизвик за нас со еден ретроспективен концерт со голема чест и задоволство да откријам дека спремаме нешто спектакуларно 30 годишнината да ја оддбележиме со тоа што изведувачите на најголемите СиДо хитови ќе блеснат повторно на сцената и ќе ги отпеат хитовите кои се пееја низ годините , ретроспектива на најголемите детски хитови од фестивалот досега, со настап на поранешните учесници, каде ќе можат да се потсетат и да уживаат повеќе генерации.

Фестивалот го доби името „Сидо“ во чест на познатиот битолски музички педагог и композитор Петар Сидовски како признание за неговиот придонес во развојот на детската музика.

Д.Ш. – Во неговите почетоци, на почетокот на 90-тите години, во организацијата беа вклучени повеќе институции и културни субјекти, меѓу кои значајна улога имаше и Пионерскиот дом во Битола. По одреден период на активност, фестивалот имаше неколкугодишна пауза. Неговото обновување дојде како резултат на иницијатива од граѓани предводени од композиторот Миле Шерденков кој даде значаен придонес за повторното воспоставување на фестивалот. Одтогаш, „СИДО“ континуирано се одржува секоја година во месец април/мај, градејќи ја својата традиција и препознатливост. Со текот на годините, фестивалот прерасна во реномирана културна манифестација која не само што промовира детска музика, туку и активно придонесува за развојот на младите таленти, создавајќи платформа за нивна афирмација и креативен израз и оставајки богато културно наследство.

Сите ние пораснавме со познатите песнички. Кои беа омилени на Дарко?
Д.Ш. – Како дел од генерацијата што израснала со фестивалот и како мал учесник во детскиот хор и автор на голем број детски композиции ,омилени ми се оние композиции што остануваат во меморија, лесно се пеат и носат емоција – вистински детски хитови што се пеат и денес.
Музичката едукација преку фестивалите има суштинско значење за правилниот развој на децата, не само како идни музичари, туку и како личности.

Д.Ш. – Преку учеството на вакви настани, децата се запознаваат со основите на музиката – ритам, мелодија, интерпретација – но истовремено стекнуваат и дисциплина, одговорност и самодоверба. Сценскиот настап им помага да се ослободат од трема, да научат како да комуницираат со публика и да го изразат својот талент на автентичен начин. Фестивалите претставуваат и платформа за креативна едукација, што директно влијае врз нивниот уметнички развој. Дополнително, тие се важен сегмент во негувањето на јазикот, културата и традицијата преку музика, што има долгорочно значење за општеството. Особено е важно што фестивалот Си-До создава вредности кои траат. Целта не е само моментален успех или настап, туку градење и оставање на богато културно-музичко наследство кое ќе го користат и надградуваат идните генерации. Преку песните, спомените и искуствата, фестивалот станува дел од колективниот идентитет, пренесувајќи инспирација и љубов кон музиката од генерација на генерација.

Опстојувањето е сериозен организациски и финансиски предизвик.

Д.Ш. – Потребна е континуирана поддршка, адаптација кон новите трендови и одржување на интересот кај младата публика. Дополнително се бара креативност и иновативност, без притоа да се изгуби основната вредност и идентитет. Токму тука се појавува балансот помеѓу традицијата и современоста – зачувување на квалитетот и препознатливоста, но и отвореност кон нови идеи и пристапи. Традицијата гради кредибилитет и лојалност, додека квалитетот создава долгорочна вредност и препорака од генерација на генерација. Овие фактори, комбинирани со посветеност и визија, се клучни за постигнување и одржување на долгорочен успех.

Related Articles