Битолчанецот Игор Трајковски Фоја доби Специјална награда од критиката за странски автори во рамките на XIII Меѓународна награда за извонредност „Città del Galateo“. После активниот период на промоции на книги и бројни организирани настани, оваа награда ја додава во низата признанија кои ги има добиено за својата работа. Токму тоа беше повод за нашиот разговор со него.
Игор Трајковски – Фоја: Секоја награда е радост, но понекогаш признанието доаѓа во вистински момент и отвора нешто пошироко од самото задоволство. За мене оваа награда е токму таков момент. Ми значи затоа што доаѓа од италијанскиот културен простор, од средина во која литературата, уметноста и културната меморија имаат исклучително силна традиција. Особено ми значи и затоа што текстот што е награден не останува само на страницата, туку ме доведе во Рим, во Сенатот на Италијанската Република. Тоа е убаво чувство, но и одговорност. Кога една идеја ќе го помине сопствениот простор и ќе биде препознаена во друг културен контекст, почнувате повторно да ја читате и самите себе.
К Ч: Вашиот награден текст носи необичен наслов – „Црното огледало на Виа Игнација“. Од каде произлезе таа идеја?
Игор Трајковски – Фоја: Идејата дојде постепено, од едно долго размислување за односот меѓу културната меморија и современиот човек. Виа Игнација за мене никогаш не била само древен пат. Таа е трага на движење, средба и размена. Поврзува простори, цивилизации, идеи и различни културни слоеви. А кога размислуваме за Македонија и Италија, за Курбиново и Рим, таа линија станува особено интересна. Но сакав во тој историски простор да внесам нешто сосема современо. Тука се појави „црното огледало“.
К Ч: Под „црно огледало“ го мислите дигиталниот екран?
Игор Трајковски – Фоја: Да, но не само него. Денес екранот е едно од нашите најинтимни огледала. На него гледаме луѓе, фотографии, вести, уметност, филмови, сопствениот лик, но и еден огромен дел од светот. Имаме чувство дека преку екранот гледаме кон светот, а всушност многу често светот гледа назад кон нас. Токму тој парадокс ме интересираше. Една навидум мала, речиси анегдотска ситуација ми помогна да ја формулирам идејата. Од една страна имаме древна визуелна и духовна меморија, од друга страна пат што низ вековите носел луѓе и идеи, а денес меѓу нив се појавува екранот – новиот медиум преку кој културата патува. Така се создаде една современа тријада што ме привлече: Курбиново – Виа Игнација – црното огледало.
К Ч: Интересно е што ова не е првпат вашата работа да наиде на одек во Италија.
Игор Трајковски – Фоја: Да, и тоа ми е особено драго. Уште минатата година делови од моите книги, меѓу кои и „Ехо на вековите“, беа наградени и објавени на италијански јазик во списанија посветени на културата и уметноста. Тоа за мене беше еден вид потврда дека македонската културна мисла може да воспостави дијалог и надвор од сопствениот јазичен и географски простор. Преводот на италијански, објавувањето во тамошни културни списанија и сега оваа награда создаваат една природна линија. Не ја доживувам како затворен процес, туку како разговор што продолжува. И токму затоа наградата за „Црното огледало на Виа Игнација“ ме мотивираше дополнително да ја продлабочам темата.
К Ч: Значи, наградата не стави точка на една идеја, туку отвори ново прашање?
Игор Трајковски – Фоја: Токму така. Можеби најубавото нешто што може да ви се случи како автор е една завршена работа да ве натера да поставите ново прашање. Ова признание, на некој начин, ме врати назад – во Македонија, кон Курбиново, кон Виа Игнација, кон сите оние слоеви од кои ја читаме сопствената култура. Но сега сакам на нив да гледам и од современа перспектива. Не би сакал сè уште да откривам многу детали, но можам да кажам дека ова е една од иницијалните каписли за проект што е во зародиш и кој би требало да ја разгледува современата македонска уметност во поширок културен контекст. Ме интересираат токму тие врски: како наследството, историјата и традицијата продолжуваат да живеат во современата визуелна уметност; што се променило, што останало и каде се наоѓаат нашите денешни естетски вредности. Но за тоа ќе зборуваме кога идејата ќе добие својата конечна форма.
К Ч: Значи, „Црното огледало“ останува отворено?
Игор Трајковски – Фоја: Мислам дека токму тоа е неговата суштина. Огледалото никогаш не ја завршува сликата. Тоа само ни ја враќа. Ако денес погледнеме во нашето „црно огледало“, во екранот што постојано го носиме со себе, во него не го гледаме само современиот човек. Ги гледаме и неговите корени, неговата меморија, неговите стравови, неговите идеи и начинот на кој ја создава сопствената слика за светот. Затоа Виа Игнација за мене не завршува во минатото. Таа може повторно да стане пат – овојпат пат на идеи, слики и современи уметнички јазици.
К Ч: На крајот, кого би издвоиле како важен дел од овој момент?
Игор Трајковски – Фоја: Пред сè, сакам да изразам благодарност до организаторите на „Città del Galateo“, до поетесата и авторката Регина Реста и до сите луѓе кои со својата работа создаваат простор за меѓународен културен дијалог. Ваквите средби се важни затоа што ни покажуваат дека културата не постои изолирано. Исто така, ова признание за мене е уште една причина со поголемо внимание да гледам кон неисцрпната ризница што ја имаме дома – кон македонската уметност, историја, традиција, архитектура, визуелна меморија и кон сите оние слоеви врз кои се создава современата македонска култура. Нашата задача не е само да ги чуваме тие слоеви, туку и да ги читаме повторно. А кога ќе ги ставиме во современ контекст, мислам дека можеме да видиме дека македонската уметност има што да каже и во многу поширок, европски и светски разговор. Можеби токму тоа е најголемата вредност на едно вакво признание: не само што ве потврдува како автор, туку ве потсетува од каде доаѓате и ве поттикнува да продолжите понатаму.
