Home » Започнува 16.издание на Локум фест во Битола

Започнува 16.издание на Локум фест во Битола

by culturalchat

Во Битола денес почнува 16-то издание на Балканскиот етно-фјужн фестивал „Локум фест-музика и традиција“ 2022. Битола, градот под Пелистер, Градот на конзулите, по 16. пат ќе биде домаќин на првата фестивалска манифестација во Македонија која своите почетоци ги има во Старата чаршија. Од 21 до 23 јули, на неколку локации ќе биде одржан фестивалот, од неодамна и член на Европската фестивалска мрежа за Балканот „МОСТ“, што подразбира негово европско легитимирање и далеку побогата програма.

„ Битолската чаршија е синоним за занаети, еснафи, мултикултурализам и секако за кафе со локум како синоним за средба. Амбиенталната архитектура, сведок на едно време, се повеќе се стилизира или распаѓа, а со тоа и нашата врска со минатото. Отаму и е мотивот и идејата за фестивал кој ќе ги спои во еден концепт: музиката, традицијата, креативните индустрии и културното наследство“, велат  организаторите, Центар за културна деконтаминација Битола, односно Тодор Ивановски, уметничкиот директор на Фестивалот.

Оваа година фестивалот започува на платото на Офицерски дом со македонската етно група „Монистра“ кои одбележуваат 20 години постоење. Потоа ќе настапат групата од Бретања-Франција, PLANTEC.

Во рамките на програмата е и промоција на ладино албумот на американката со битолско потекло Сара Ароесте „Монастир“ посветен на Битола, со музичари од Израел и Македонија, настапот на познатата хрватско-шведско-македонска група „Афион“. Дел од фестивалот ќе се одржи во Старата битолска чаршија каде се предвидени работилници за музичко новинарство и промоција на магазинот „Етноумље“, со гостите од Србија, како и Саем на ракототворби со ЗУР „Македонски ракотоворби“ и изложбата подготвена од партнерите Државен архив – одделение Битола, насловена како „Данабаш низ архивскиот материјал – Раскошот и проклетството“.

Во музичкиот дел ќе настапи и пензионерското пеачко друштво „Сирма Војвода“ од Битола, тајфата „Антико“ и специјалните гости ,  џипси – ска бендот „Gipsy Groove“.

Музичкиот концепт е јасен во својата намера пред се да промовира македонски ансамбли кои негуваат стилови на традиционална музика за што сведочи долгата листа на досегашни учесници како: ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ, БАКЛАВА, ЉУБОЈНА, Тони Китановски и ЧЕРКЕЗИ, Кинг Наат Велинов и ОРИГИНАЛ КОЧАНИ ОРКЕСТАР, легендарната Вања Лазарова, Драган и Ратко Даутовски, Влатко Стефановски…Од региониот на „Локум фест“ досега настапиле бројни ансамбли од етно-фјужн музиката од Унгарија Полска,Словенија, Србија, Хрватска, Албанија, Грција, додека светските имиња доаѓаат од Индија, Египет, Јапонија, Бразил, Данска, Шведска, Финска и други земји. Балканскиот етно фјужн фестивал „Локум фест -музика и традиција“ ја следи иницијалната идеја која се потпира на потребата да ја зачува традицијата и Чаршијата.

„Локум фест“ е финансиран од Министерство за култура  и Општина Битола.

 

 

 

 

 

Related Articles