Home » УКЛО домаќин на меѓународна конференција посветена на целите за одржлив развој (AISC 2026)

УКЛО домаќин на меѓународна конференција посветена на целите за одржлив развој (AISC 2026)

by culturalchat

Во чест на Светскиот ден на науката за мир и развој, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола ја одржа Годишната меѓународна конференција на тема „Мултидисциплинарен пристап кон целите за одржлив развој“, која обедини академици, истражувачи и креатори на политики од земјава и странство. На отворањето, добредојде им посакаа ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, проректорот проф. д-р Горан Илиќ и постојаниот координатор на Обединетите нации во Македонија, Рита Колумбија.Ректорот Неделковски истакна дека конференцијата има постојан фокус на остварувањето на целите за одржлив развој на ОН, нагласувајќи дека УКЛО е водечки универзитет во државата во оваа област, што го потврдува и неговото рангирање на светската листа Times Higher Education Impact Rankings. Посебната вредност на конференцијата, според него, е мултидисциплинарниот пристап и вклучувањето на различни научни и професионални области.Проректорот Илиќ посочи дека годинашната програма дополнително е збогатена со активностите на алијансата SustainED, чиј основач и полноправен партнер е УКЛО. Во посебната тематска сесија беше истакната улогата на универзитетите во остварувањето на целите за одржлив развој. Поддршка на настанот даде и Канцеларијата на Обединетите нации во Скопје, годинашен коорганизатор. Постојаниот координатор Рита Колумбија нагласи дека науката и младите се клучни двигатели на просперитетот и одржливиот мир, повикувајќи на поголемо учество на студентите и младите истражувачи во ваквите иницијативи.
Главен говорник на свеченото отворање беше проф. д-р Лефтерис Топалоглу од Универзитетот на Западна Македонија во Кожани, Грција, кој ги претстави искуствата и емпириските сознанија за влијанието на зелената енергетска транзиција врз пазарот на трудот, во рамките на проект поддржан од програмата „Хоризонт Европа“. На дводневната конференција, што се одржа хибридно на 13 и 14 ноември 2026 година, беа презентирани околу 70 научни трудови во повеќе тематски панели. Дел од програмата беше и мастеркласот „Одржливата иднина се создава поинаку од денес“, одржан во Студентскиот информативен центар на УКЛО, под боите на Алијансата КОЛОРС.
.

Related Articles