Офицерскиот дом во Битола беше преполн за предавањето „Безбедно движење во планина во зимски услови“. Ваков одзив токму на прагот на зимата покажува дека безбедноста во планина е тема што нѐ обединува сите, од почетниците до најискусните.
Петар Нолев и Бобан Блажевски ги поминаа сите клучни теми: техничката опрема (цепин, дерези, јаже, облека), подготовката на зимска акција, читањето на временската прогноза и најчестите несреќи во планина и како да се избегнат. Заедничката порака: безбедната зимска тура не започнува на патеката, туку дома – со добра подготовка, соодветна опрема и одговорни одлуки. Дискусијата на крајот покажа колку се потребни вакви вечери.
Претседателот на ФПСМ, Даниело Божиновски, ги поздрави присутните и најави дека 2027 ќе биде година на интензивна работа, на планинарските и пешачките патеки, со компетитивните спортови, на регионалните ограноци и во самите клубови. А подобрувањето веќе започна, и тоа од Пелистер каде после 40 години е обновена зимската маркација од Ниже Поле до Големо Езеро, поставени се патокази до врвот Пелистер, а планинарскиот дом на Големо Езеро доби електрично напојување од обновливи извори. Тој упати и апел до клубовите: предавањата и обуките треба да живеат во секој клуб, особено за новите членови што штотуку влегуваат во планинарските спортови. Целта ни е едноставна – повеќе луѓе во планина, и сите да се вратат дома.
„Благодарност до Општина Битола и КИЦ – Битола за поддршката, до предавачите за споделеното знаење и до сите вас што ја исполнивте салата. Се гледаме во планина – подготвени и безбедни“, беше истакнато на крај. Настанот беше во организација на Федерацијата за планинарство на Македонија, поддржан од КИЦ Офицерски дом и Општина Битола.


