Заврши снимањето на дебитантскиот долгометражен игран филм „Пролетно чистење“, по сценарио на Марија Апчевска Петровска и Ереник Бекири од Албанија, а во режија на Апчевска Петровска. Филмот сега влезе во фаза на постпродукција.
„Ви благодарам на сите што станавте дел од ова патување, за сета посветеност и напорна работа што го овозможуваат создавањето на еден филм. Филмот е, пред сè, колективен чин на верба повеќе од се друго, и благодарна сум што го споделив ова искуство со сите вас“, истакнува режисерката.
Главните улоги ги толкуваат Јулиа Марковска Фалзон и Зоја Николова за кои ова е прво филмско искуство, како и Стефан Вујисиќ и Ана Костовска од Македонија, и Ника Розман од Словенија. Директор на фотографијата е Константинос Кукулис од Грција, од Србија авторската екипа се состои од Драган Вон Петровиќ монтажа, и костимографката Лидија Андриќ, додека дизајнер на шминка и маска е Мојца Горогранц Петрушевска од Словенија. Македонски автори во филмот се нашите докажани професионалци Кирил Спасески како дизајнер на продукција и Игор Поповски кој е одговорен за звукот.
Филмот е македонско-грчко-словенечко-српска копродукција, во продукција на Кино Око и Роберт Насков и финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, филмските центри на Словенија, Грција и Србија, како и од ERT – националната телевизија на Грција. Овој проект доби финансиска поддршка и од Европскиот кинематографски фонд EURIMAGES, а во фазата на развој беше поддржан од програмата МЕДИА и од SEE CINEMA NETWORK. Копродуценти на филмот се Антигони Рота (Foss Productions) од Грција, Боштјан Иковиќ (Arsmedia) од Словенија и Милош Љубомировиќ (Servia Film) од Србија. Ова е прв долгометражен филм на Марија Апчевска Петровска, чиј последен краток филм „Северен пол“ беше првиот македонски филм кој ја имаше својата премиера во официјалната конкуренција на Канскиот филмски фестивал и беше прикажуван на повеќе од 150 фестивали во светот каде освои голем број на награди.
„Посебна благодарност до Министерството за култура, Агенцијата за филм, копродуцентите Foss Productions, Arsmedia, Servia Film, компанијата Уни Ангро од Велес, општина Велес, општина Босилово, Домот на млади Штип, комплексот „Цар Самоил“ во Струмица, Горска вода и производителот Агна“, додаваат од екипата.



