Со доделувањето на наградите за животно дело на актерката Бедиа Беговска, доајен на Tурскиот театар и на драмскиот писател Русомир Богдановски и со првата претстава во конкуренција „Народен непријател“ на МНТ, синоќа во
ЦК. „Марко Цепенков“ свечено беше отворен 56 -от Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.
Поздравувајќи ја публиката Катерина Коцевска Хаџи Василева, уметничкиот директор,
истакна дека ништо не може да го замени чудото на уметноста во живо.
„ Посебна е радоста да се види полна сала публика. Ланскиот фестивал имаше вонреден термин, и беше со 30 проценти исполнетост на салата заради ковид протоколите. Тоа беше тажно за нас, актерите.
Тетарот дише со публиката, ја чувствува таа силна размена на енергија и тоа на актерите им дава радост, мотив за играта.
Ништо не може да го замени чудото на уметност во живо. Овој фестивал е најголемиот театарски фестивал кај нас, опстои 56 години токму поради вас, публиката. Еден светски автор вели: Морате да верувате дека Вашата работа некого ќе го израдува и дека тој некој, кога ќе излегува од театарот ќе биде поубав од пред да влезе да ја гледа Вашата претстава. И ако помисли дека многу беше добро, Вие сте направиле чудо. Сте создале нов човек кој за миг доживеал малку среќа во свет на сопствена и планетарна депресија“.
Бедиа Беговска е една од најреспектираните и најоригиналните ѕвезди на современото македонско глумиште. Русомир Богдановски е драматург, автор на драми,
драматизации, филмски и телевизиски сценарија.
Градоначалникот Борче Јовчески ја врачи наградата за животно дело на актерката Бедиа Беговска, а таа заблагодарувајќи се рече :
„Многу сум среќна и задоволна што ја добив наградата. Јас велам, уметниците не стареат, но само да се здрави. Со многуте улоги во театарот добив многу, а најмногу од публиката.
И благодарам на фестивалската публика“.
И на драмскиот писател Богдановски му беше доделена наградата за животно дело од страна на градоначалникот.
Богдановски рече дека е многу среќен што ја добива наградата.
„Велев ќе пишувам за вас, актерите, а ништо не е потешко од тоа, но пишувам и за публиката зашто таа е смислата на театарот. Затоа и оваа награда ја чувствувам како признание“.
56-от МТФ „Војдан Чернодрински“ го отвори градоначалникот кој посочи дека театарската сцена овие денови ќе биде светлината каде што на најдобар можен начин ќе бидат отсликани стремежите на нашите творци.
„ Од вечерва ќе имаме можност да уживаме во симбиозата на најактуелното во театарот во земјава, театарот кој е извор на инспирација и затоа не сплотува.
Со претставите што ќе ги гледаме, кои се пресек на актуелниот театарски миг низ кој минуваше македонскиот театар со пандемијата од ковид 19, ќе добиеме различни пораки.
Актуелни, вонвременски, кои не се сомневам дека маестрално ќе ни ги пренесат годинешните учесници кои го создаваат драмското дело.
Фестивалот „Војдан Чернодрински“ е насушна потреба не само за градот, туку и за Македонија, бидејќи ја отсликува потребата од идентификација на културата и традицијата.
Фестивалот е бренд за Прилеп.“
Селектор на претставите оваа година е Иван Додовски.
„Претставите ги одразуваат сегашните дострели на македонскиот театар, кој и тематски и формално ги испитува можностите за соочување со нашата загрижувачка стварност. Кога многумина помислуваат дека театарот замолкнал и дека не може да излезе накрај со камшикот на времето и со неправдите на локалните и глобалните силници, овие осум претстави сведочат дека театарот, сепак, не престанал да ги истражува и да ги покажува со јазикот на сценската игра двете најсуштински димензии на човекот – слободата и достоинството. Избрани се претстави од голем формат и со силен режисерски печат. Официјалната програма на овој најзначаен домашен театарски фестивал во 2022 година ќе овозможи да се гледа театар што го премостува хијатусот на затворањата и стравот. Тоа е театар што нуди критички и отрезнувачки поглед кон самите нас“, истакна Додовски.
Претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен во режија на Нина Николиќ, беше прикажана на првиот ден на фестивалот, во изведба на Македонскиот народен театар од Скопје.
Денес во рамките на програмата беше промовирана книгата „Клиентот на Шекспир“ од авторот Милош Латиновиќ.
Вечер на програмата се претставите: „Се викам Горан Стефановски“, во режија на Бранислав Миќуновиќ, во изведба на Драмски театар од Скопје со почеток од 19 часот на сцената на НУЦК.„Марко Цепенков“ и „Декамерон“ според Џовани Бокачо, во режија на Мартин Кочовски, во изведба на Народниот театар од Прилеп, со почеток од 22 часот на сцената на театарот „Војдан Чернодрински“.
Фестивалот ќе трае до 9 јуни.
Неда Маретиќ