Изложбата „Атила“ дел од Horizons of Memory, е отворена во Унгарскиот национален музеј. Во рамките на изложбата се изложени и артефакти од Македонија. Гостите на церемонијата на отворањето можеа да видат 400 артефакти од 64 музеи од 13 земји: непроценливи богатства, оружје на освојувачите, искривени черепи пронајдени во гробови и легендарната историја на Хунската империја. Сето ова на изложбата чиј главен лик е Атила, владетелот на Хуните.
На отворањето на изложбата се обрати Балаш Ханко, министер за култура и иновации.
„Атила, големиот владетел на Хуните, често се памети на Запад како суров варварин. Спротивно на тоа, на Исток тој е почитуван како херој и историски предок. Исто како и Унгарија, Атила е мост помеѓу Истокот и Западот: „сите ние сме внуци на Атила“. Покрај него говори имаа и : Јанош Наѓ, државен секретар задолжен за Кабинетот на премиерот, Султан Раев, генерален секретар на ТУРКСОЈ (меѓународна организација посветена на самоподобрување и иновации), д-р Габор Жигмонд, претседател на Центарот за јавни колекции на Унгарскиот национален музеј.
„ Иако Атила, хунскиот владетел, починал пред 1600 години, неговото сеќавање сè уште живее во светот, и на Исток и на Запад. И тој живее во сеќавањето на Унгарците. Затоа, изложбата го открива ликот на Атила преку слики зачувани во унгарската меморија: мечот на богот на војната, гозбата на Атила, смртта и гробот на Атила и Атила како предок на Унгарците. Изложбата е и дијалог помеѓу науката и легендите: археологијата, историјата, уметноста, археогенетиката и народната традиција кои се претставени истовремено“, рече д-р Габор Жигмонд. Меѓу присутните беа шефови на дипломатски мисии, државни секретари и заменик-државни секретари, како и генерални директори на музеи, бројни историчари и професионалци. На свеченото отворање присуствуваа и претставници од Националниот археолошки музеј, како и од Управата за заштита на културното наследство на Македонија.
„Чест и задоволство ни е што сме дел од оваа навистина грандиозна изложба, која обединува голем број Музеи, 64 поточно, од целиот свет, од 13 држави меѓу кои и Македонија, односно Националниот Археолошки Музеј од Скопје. Се претставуваме со едно многу значајно откритие од археолошкиот локалитет Таранеш, Дебарско, познатиот гроб, дел од наодите откриени таму се дел од оваа изложба. За нас како Музеј е многу важно што учествуваме на изложбата затоа што тоа е претставување и на нашето културно наследство, меѓутоа пред се соработка со институции од Европа и од светот. Се надеваме дека голем број на посетители ќе успеат да ја видат изложбата, а тоа ќе ги поттикне да дојдат и кај нас во Археолошкиот Музеј и да го видат и нашето богато археолошко наследство“, ни изјави директорката на Археолошкиот музеј во Скопје, Магдалена Манаскова.
Главниот куратор на изложбата, Бенедек Варга презентираше неколку важни објекти што може да ги види секој од 23 јануари. На отворањето беше истакнато дека во цела Европа немало толку сеопфатна изложба за Атила и Хуните во последните 40 години. Салите на Унгарскиот национален музеј се целосно трансформирани за време на траењето на изложбата, со помош на специјални визуелни и технички решенија, за да се евоцираат спомените на едно минато време. Кураторите на изложбата ги составиле артефактите на таков начин што можат да се истражат западните, источните и унгарските толкувања на последните 1600 години, т.е. епохите што поминале од Атила. Можеме да видиме со какви обичаи живееле Хуните, што ни оставиле и какво влијание имале врз подоцнежните култури во светот.
М-р Радомир Ивановиќ, виш кустос за доцноантичка археологија во Националниот археолошки музеј во Скопје, кој беше дел од свеченото отворање во Будимпешта, истакна:„Честа е огромна. Да се најдеме во друштво со толку многу светски Музеи, реномирани и толку многу земји да бидат вклучени на едно место, само по себе претставува огромна чест. Меѓу другото и наодите кои што ги претставуваме овде се исклучително ретки. Се работи за ексклузивен гробен инвентар, уникатен во Македонија, од гробот пронајден во Таранеш, Дебарско. Во Унгарија има слични примери како нашите. Меѓутоа, самата покана која ја добивме да учествуваме на оваа изложба, само по себе многу значи“.
Претставени се различни артефакти – накит, предмети од секојдневниот живот. Единствено пронајдената дијатрета не е дел од оваа изложба.
„ Гробниот инвентар има вкупно 13 наоди. 12 се изложени, еден наод е останат во Скопје. Се работи за дијатрета, стаклена чаша, ексклузивна, најскапата што можела во тоа време да се набави. Неа не ја донесовме пред се од безбедносни причини, многу е кршлива. Таа е фрагментирана, конзервирана и изложена е во нашиот музеј. Со самиот транспорт, тоа се организира многу лесно за да стигне тука, меѓутоа не сакавме да ризикуваме и затоа само таа не е дел од наодите кои што ги претставуваме овде. Меѓутоа целиот друг инвентар, кој се состои од сребрена чинија, сребрена кана, златна фибула, прибор за пишување, сет за играње, друштвени игри и сл.,сите тие се претставени овде и од самиот момент кога не контактираа колегите од Унгарскиот музеј, беа многу заинтересирани за нашиот дел да биде вклучен во самата изложба“.
Националниот археолошки музеј со своето учество се приклучува на ова престижно друштво на европски музеи и придонесува кон интернационалната приказна за културното наследство од времето на Хуните. На изложбата „Атила“ се изложени и дијадема од женска погребна куќа во Азербејџан украси за појас, прстен, стаклени и сребрени садови, меч и сет играчки од коска. Изложбата оживува 1.600 години слики и митови за Атила, од хунскиот период до денес. Шетајќи низ тематските единици, посетителите можат да дознаат за светот на таа ера, елитната војска околу Атила и богатата историја на рецепција на артефакти, теории и толкувања поврзани со сеќавањето на него. Изложбата, која може да се посети помеѓу 23 јануари и 12 јули 2026 година, е надополнета со богата серија придружни програми. Посетителите можат да очекуваат меѓународни конференции, научни предавања, дискусии на тркалезни маси, традиционални семејни и детски програми, музејски педагошки сесии, работилници за занаети, презентации на книги, филмски проекции и програми со жива музика.









