Повеќе реномирани дизајнери ментори ќе бидат дел од годинешното, 4. По ред издание на Креативниот ден во Битола кое оваа година ќе се одржи на 28.мај во Битолскиот театар и тоа: Благој Мицевски, Андреј Папаз, Александар Ортаковски, Муамед Маликовски, Монсоло, Екатерина Петреска, Боркица, Христијана Голубовиќ,Сербез, Алшар Силвија Михајловска, Весна Божиловиќ,Бе.оне, Маја Петковска, Маја Андревска, Ирена Стојановска, Снежана Петровска, Анастасија Зулевска, училишта од Скопје, Струга, Прилеп, Богданци, Куманово, Штип, Виница и домаќинот Битола.
ВИП гости: Никола Ефтимов, Ивана Кнез, Елена Лука, Татјана Алексиќ, претставници од Текстилен Кластер.
„Настанот „Креативен ден“ игра клучна улога во афирмацијата и развојот на смерот за дизајн на облека. Тој претставува платформа каде се демонстрираат вештините, талентот и визијата на учениците, а со тоа се создава слика за смерот како динамична и креативна образовна насока што одговара на барањата на современата модна индустрија. Со вклучување на ментори од реалниот сектор, се зајакнува кредибилитетот на програмата, се гради мост помеѓу образованието и индустријата, и се поттикнува интересот кај пошироката јавност, вклучително и идните ученици, родители и потенцијални партнери за соработка“, вели Ортаковски.
Колку истиот помага и ги мотивира учениците во нивното образование?
„Преку практична работа, креативна слобода и јавна презентација на нивниот труд, учениците добиваат чувство на вредност, самодоверба и реална перспектива за својата идна професија. Работењето на конкретен проект од почетна идеја до финален производ, особено под менторство на професионалци, е мотивациски двигател и одлично надополнување на класичната училнишна рутина. Учениците учат за работа под притисок, комуникација, тимска соработка и презентациски вештини, сето тоа преку искуствено учење кое остава трајна трага“.
Што значи поврзаноста на теоретската настава со практичната и настани како овој?„Поврзувањето на теоријата со практиката е суштински аспект на квалитетното стручно образование. Настани како „Креативен ден“ претставуваат природно продолжение на она што учениците го изучуваат во секојдневната настава. Истражувањето на темата, развојот на концепт, разбирањето на културен контекст и примената на кројни техники, текстили и визуелен израз – сето тоа овозможува учениците да го претворат знаењето во конкретна, опиплива креација. Токму преку вакви искуства тие ја разбираат суштината и вредноста на наученото“.
Оваа година темата е Ориент. На што ќе се фокусирате Вие?
„Темата „Ориент“ отвора голем простор за интерпретација, инспирирани од богатите култури на Блискиот Исток, Северна Африка, Централна Азија и далечниот Исток. Во мојата работа со ученичката Маја, се фокусираме на спојот меѓу традицијата и современиот израз – како да се пренесе духот на Ориентот преку симболи, текстили, линии и силуети, но во форма што говори на јазикот на денешната мода. Ги истраживме сите визуелни елементи, со акцент на раскажување приказна преку облеката. Целта ни беше да креираме дизајн кој носи културна длабочина, но и модерен пристап, со особено внимание кон деталите“. Креативниот ден ќе се одржи на 28.мај во Битолскиот театар.