Христос воскресе. За многу години.
Вака изведувачите на концертот Премин 26 кој по повод најголемиот христијански празник Велигден се одржа на сцената на Народниот театар Битола, ја поздравија многубројната публика. Тоа беше проект кој ја брише границата меѓу жанровите. Звукот, светлината и тишината се испреплетуваа во искуство што не се слуша само со уши, туку се прима со срце. Концертотот беше здружен проект на Културен и информативен центар Битола со НУ Народен театар Битола, НУ Центар за култура, со поддршка на Општина Битола и манифестираше организациски и продукциски капацитети на културните установи во Битола. Музичкиот проект е Оливер Јосифовски кој и самиот беше учесник во истиот, а во режија на Дејан Пројковски.
„Сега тоа е традиционално, започнавме пред две години и ние практично сме дел од тие одбележувања, дали Божикни, еве сега во случајот Велигденски и проектот започна со цел да се слават тие убави денови со музика која е специјална за тие празници. Ми се допадна и како луѓето реагираат. Беше голем предизвик затоа што тоа е материјал музички кој не често го изведуваме. Дури беше премиерно изведен и беше големо возбудување, затоа што некако ние последните недела дена додека го спремавме, а јас и пред тоа, со уживање и со голема доверба и респект кон таа традиција, го подготвуваме. Концертот дојде како финале на сето тоа, убав музички настан кој имаше музика и тишина истовремено. Тоа е многу тешко посебно денес, затоа што се околу нас е толку бучно, се некаде брзаме, а впрочем никаде не стигнавме. Во Битола немаме настапувано долго време вака на сцена, на концерт со седење, со бина и убаво беше. Убава беше средбата со публиката“, ни изјави Оливер Јосифовски.
Наесен се враќаат со програма „Љубојна“, која ќе биде одбележување за јубилејот 25 години постоење, градење на таа музичка приказна. Да се направи избор од богатиот македонски музички фолклорен материјал било предизвик, но и уживање.
„Тие песни стојат во дамарите, стојат во нашите сеќавања и кога беше поканата за да го правиме овој концерт рековме: „Овие се темите кои можат да се спремат, да се отсвират, да мислиме на нив, да ги аранжирам. Тоа е навистина една убава, благословена, информација која доаѓа од музиката и ние некако многу си го засакавме проектот. Да бидам искрен, тоа е истата екипа со која на 29. Март го свиревме концертот во Македонската филхармонија, по повод 25 години „Љубојна“. Морам да кажам благодарност и до публиката, битолската публика е посебна. Ние си сме од овде и навистина со големо уживање денес си го поминавме денот и настапот тука во Битола“.
На концертот присуствуваше и градоначалникот на Битола Тони Коњановски со сопругата, како и директорот на Македонскиот културно информативен центар во Софија, проф. д-р. Зоран Пејковски. Македонските песни од богатата македонска музичка традиција посветени на Велигден ги пренесоа: Вера Милошевска и Димитар Андоновски, а покрај нив и Православниот хор Св. Ангел Битолски, Давор Јордановски, Михајло Михајловски, Христијан Јаневски, Андреј Трајковски, Александар Секуловски, Ристо Крстевски.
„Чувството е величествено, пред сѐ затоа што ова е празник над празниците и Воскресението Христово и овој премин е нешто кое што треба да се чествува со сите славја, песни, игри и со сета радост на овој свет. И јас сум навистина почестена што сме дел од Премин оваа година, што сме дел од овој Велигденски концерт и што имав драги пријатели на сцена, што тука беа и хорот „Свети Ангел Битолски“ и што беше мојот драг пријател Димитар Андоновски, со кој што пеевме во дует. И така ми тргна некако годинава со многу дуети и многу ми е драго затоа што музиката оживува на поинаков начин. Инаку исто се радувам што овие настани оживуваат исто така еден друг дел од музиката кој што можеби луѓето толку не го знаат, а тоа е дека во народната култура има многу песни посветени на Велигден или пак во духот на прославата на Велигден. И да, треба да имаме вакви концерти што повеќе и секоја година да си го чествуваме на ваков величествен начин“, истакнува Вера Милошевска.
Традицијата треба да се живее.
„Таа не е музејска категорија, не е некој експонат во некоја витрина, треба да се живее, да се оживува, да се реконтекстуализира и на крајот на краиштата тоа е јазик кој треба да го знаеме и низ кој што треба да излегува ново творештво. А, затоа сме тука да ја оживееме и да го доближиме сѐ она што го мистифицираме, што на не толку органски начин го идеализираме, овде да биде претставено најнепосредно, најспонтано, како што народот ја живеел својата музика во своето секојдневие, најспонтано и интерактивно. Еве на овој начин ја носиме музиката на сцена за различни поводи, во различни моменти, но за секој повод има музика. Замислете една толку мала земја со толку голема култура“.

„Секогаш е убаво чувството кога се спојува традицијата и кога се спојува еден од најголемите празници за нас православните христијани. Тоа е Велигден и навистина овој концерт, како и со годините, така и оваа година мислам дека прерасна во една убава традиција кога се собираат уметници добронамерници за да направат едно убаво музичко патување посветено на празникот, на Бога, на традицијата. Секогаш мислам дека е задоволство да се биде дел од ваков еден концерт“, додава Димитар Андоновски.
Со оваа екипа Андоновски одамна и со задоволство настапува.
„Искрено со Верче секогаш е преубаво кога се дели сцена, нормално и со целиот состав на Љубојна. Не ни е прв настап, сме учествувале на вакви концерти многу пати. Навистина е преубаво чувство кога со вакви уметници се дели сцената и се музицира и се пее“. Воодушевената публика на крај ги награди изведувачите со долготраен и стоечки аплауз.





