Home » Христијан Ристески, лауреат на Jazz Factory: европски џез звук, интимно во UTOPIA

Христијан Ристески, лауреат на Jazz Factory: европски џез звук, интимно во UTOPIA

by culturalchat

Jazz Factory Festival и оваа година ја потврдува својата улога како платформа што ја следи и развива современата џез сцена, со фокус на автори кои ја движат напред. Годинашниот лауреат на наградата „Гоце Димитровски“ за најдобар млад џез-музичар за 2025 година е саксофонистот Христијан Ристески, музичар кој живее и работи во Австрија и се издвојува со својот јасен и современ израз.

Наградата, која веќе неколку години се доделува во рамки на фестивалот, од оваа година добива дополнително зајакнување преку партнерството со Синпекс, како поддршка за нејзиниот понатамошен развој. Визуелниот идентитет на наградата, вклучувајќи ја и нејзината форма, е дело на Ања Ристевска. Фестивалската програма околу лауреатот оваа година се проширува и во UTOPIA, како простор за поблиска и поинтимна комуникација со публиката.
Во среда, 15 април, со почеток во 19:00 часот ќе се одржи прес-конференција за медиумите, по што во 20:00 часот следи промоција на книгата „Walking on Masochism“ од Иван Благојевиќ.
Вечерта ќе биде заокружена со интимен концерт на Hristijan Risteski Quartet, со почеток во 21:00 часот, во формат што ја доближува музиката до публиката.

Свеченото врачување на наградата „Гоце Димитровски“ ќе се одржи на 17 април во 20:00 часот, во НУ Народен театар Битола, како дел од официјалната програма на Jazz Factory Festival. Во изминатите години, наградата ја добија музичари кои денес ја обликуваат современата сцена: Александар Ванчовски, Филип Динев, Александар Бошков, Јован Цветковиќ, Давид Скерлевски и Теодор Јаневски – имиња што ја поставуваат јасната линија во која годинава се впишува и Христијан Ристески.
„Фестивалот расте со сцената и за сцената. За нас е важно да создадеме простор во кој младите автори ќе бидат слушнати и на голема сцена и во поблиски формати,“ изјави Сашо Поповски, основач и директор на Jazz Factory Festival.
„Културата не е трошок, туку инвестиција во вредности што остануваат. Поддршката на вакви настани значи создавање услови сцената да се развива и да добива континуитет,“ изјави Христина Фуна од Синпекс/UTOPIA.
Во оваа соработка, важна улога има и личната поврзаност со џезот – Синиша Петровиќ, еден од основачите на Синпекс, е долгогодишен љубител на џез музиката и посетител на концерти ширум светот, што придонесе за природното поврзување меѓу фестивалот, Синпекс и UTOPIA како дел од програмата. Со ова издание, Jazz Factory Festival продолжува да ја развива својата структура комбинирајќи голема сцена со формати што ја доближуваат музиката до публиката.

Related Articles