И оваа година традицијата продолжи со одржувањето на урбаниот фестивал „Пајнца фест“, на култното место кај Пајнцата во Старата битолска чаршија, каде уште во 90′ те години започнаа првите поорганизирани рок свирки, односно местото стана препознатлив сценски простор за урбаната музичка сцена. Во сеќавање на тие славни денови, а и со желба да продолжи функционирањето на музичката сцена , дечките од „Паркети“ со своите пријатели и поддржувачи во 2012 г. започнаа со организирање на „Пајнца фест“, со цел да ја оживеаат сцената и таа искрена младешка музичка енергија која е настрана од секое клише.
На сцената настапија и специјалните гости Кенопсија, DJ Dafina & Mustache, Misanthrope, како и прилепската група Side Quest, кои понудија разновидна музичка програма и енергична атмосфера до доцна во ноќта.
„Пајнца Фест“ веќе прераснува во традиционален летен музички настан кој собира публика од Битола и поширокиот регион. Годинешниот настан во рамките и со поддршка на Бит фест 2026, се поклопува со неформалниот дваесет годишен јубилеј на „Паркети“ од нивниот настап на истото место. Синоќа старата чаршија беше жива, радосна, пркосна и млада. Честитки до оранизаторите и бендовите кои покажаа дека се’уште има сцена и дека чаршијата допрва ќе биде Жива!
фото: Сашо Ставрев

