На 12 .мај, со почеток од 20 часот во КИЦ Офицерски дом Битола, ќе се одржи матурскиот концерт на Илијана Серафимова, која во Државното музичко училиште е во класата соло пеење кај проф. м-р Маја Митровска.
Младата и исклучително талентирана Илијана, неодамна настапи како дел од музичкиот проект „Волшебен еликсир“. Таа уште од својата 6-годишна возраст активно се образува и гради успешен пат во светот на музиката. Своето музичко образование го започнува во нижото музичко училиште по пијано, кое го изучува до 7-мо одделение, при што освојува бројни државни и меѓународни први награди. Од 7-мо одделение па сè до четврта година средно образование, Илијана се насочува кон соло пеење и се оформува како соло пејачка — сопран, постигнувајќи значајни успеси и признанија. Во текот на своето четиригодишно средно музичко образование, Илијана освојува бројни државни и меѓународни награди, како и повеќе први места по солфеж и соло пеење. Нејзиниот талент бил препознаен и надвор од Македонија, каде освојува први места на натпревари во Виена, Италија и други европски земји, како и на речиси сите позначајни музички натпревари во Македонија. Како соло пејачка — сопран, Илијана се усовршувала под менторство на професорката Maja Митровска, а посетувала и мастер часови во Трст кај професорката Мануела Крисцак. Покрај музичките достигнувања, Илијана зборува повеќе странски јазици, меѓу кои италијански, англиски, руски и француски.
Уште од најрана возраст настапувала и на познатите детски фестивали Си До, Тра ла ла, Звездички, каде го покажала својот извонреден талент, сценски настап и љубов кон музиката.
Со одличен успех, бројни награди и огромна посветеност, таа денес претставува вистински пример за млад, успешен и перспективен музичар и соло сопран.
Матурски концерт на Илијана Серафимова во Битола
previous post
